Високите цени на енергијата предизвикани од американско-израелската војна во Иран почнуваат да се прелеваат во другите делови од економијата, изјави претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард.
„Во последните недели, веќе почнавме да ги гледаме индиректните ефекти од инфлацијата речиси насекаде. Кога почнуваме да гледаме таканаречени ефекти од инфлацијата од втор круг – особено ризикот од нагло зголемување на платите – неизбежно мора да преземеме мерки. Еден индикатор што го следиме многу внимателно е основната инфлација“, рече таа.
Минатата недела, ЕЦБ ги зголеми каматните стапки за прв пат од 2023-та година, откако војната на Блискиот Исток ги зголеми инфлациските притисоци во еврозоната и на глобално ниво. Некои банкарски претставници не исклучуваат уште едно зголемување уште на состанокот во јули. Меѓу нив е и Јоаким Нагел, претседателот на германската централна банка, кој рече дека цените веројатно ќе останат високи подолг период дури и ако конфликтот со Иран заврши наскоро.
Во посебно интервју, Мартинс Казакс, гувернер на латвиската централна банка и член на управниот совет на ЕЦБ, за „Bloomberg“ изјави дека институцијата е подготвена да преземе дополнителни мерки за да го спречи ширењето на цените на енергијата кон остатокот од економијата.
Во исто време, зголемените трошоци за задолжување ги загрижуваат некои аналитичари за последиците врз економскиот раст.
„Слушам критики – често од Франција, и ги разбирам – дека преземаме мерки што ќе го убијат растот. Но, морам да ја контролирам инфлацијата ако повторно се разбуди. Ако инфлацијата излезе од контрола, ќе биде многу потешко и поскапо да се врати. Продолженото забрзување на инфлацијата е неприфатливо и за потрошувачите и за бизнисите“, рече Лагард.
Коментарите на шефицата на ЕЦБ дојдоа неколку часа откако САД и Иран објавија дека постигнале привремен договор за прекин на непријателствата и повторно отворање на Ормутскиот теснец.
„Доколку оваа вест биде потврдена со последователни настани и потпишување на меморандум за разбирање, тоа е добра вест и можеме само да ја поздравиме, особено ако доведе до отворање и деминирање на Ормутскиот теснец“, рече Лагард.
„Приказната сè уште не е завршена“, додаде таа, нагласувајќи дека „целото прашање за збогатувањето на ураниумот од страна на Техеран сè уште не е дискутирано, преговарано и конечно решено во форма на договор“.



