„Peugeot“ официјално го претстави „E-208 GTi“ во оваа недела, првиот целосно електричен модел со легендарната значка GTi, а сега се познати сите технички детали, како и цената на овој автомобил.
Со овој модел, францускиот производител го враќа спортскиот дух во сегментот на мали градски автомобили, но сега без мотор со внатрешно согорување.
„Peugeot E-208 GTi“ е напојуван од електричен мотор со 280 ks и 345 Nm вртежен момент, што му овозможува да забрза од 0 до 100 км/ч за само 5,5 секунди.
Максималната брзина е електронски ограничена на 180 км/ч.

Енергијата се обезбедува од батерија од 54 kWh, која според WLTP стандардот овозможува досег до 375 километри.
Со спортски гуми „Michelin Pilot Sport 4S, досегот е 352 километри.
Брзото полнење со моќност до 100 kW овозможува батеријата да се наполни од 20 до 80 проценти за помалку од 30 минути.

За да се оправда ознаката GTi, моделот е спуштен за 25 mm, добил поширока трага, специјално подесена суспензија, механички диференцијал со ограничено лизгање и дополнителен стабилизатор.
Дизајнот носи поагресивен преден спојлер, редизајниран заден дифузер со светла инспирирани од Формула 1, проширени браници и специјални 18-инчни тркала.

Во кабината доминираат црвени детали, спортски седишта инспирирани од легендарниот „Peugeot 205 GTi“, додека воланот е обложен со комбинација од кожа и алкантара.
Продажбата веќе започна во Франција, каде што цената е 42.900 евра.
Ова го прави „Peugeot E-208 GTi“ поевтин од електричниот „Abarth 600“, чија цена започнува од 46.900 евра.



