ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТБрисел: До 1,3 милиони работни места во ЕУ се во опасност поради...

Брисел: До 1,3 милиони работни места во ЕУ се во опасност поради војната со Иран

До 1,3 милиони работни места во Европската Унија (ЕУ) се во опасност поради тековната војна на Блискиот Исток, изјави европската комесарка за вработување Роксана Манзато, цитирана од „Euronews“.

Предупредувањето беше упатено за време на презентацијата на пакетот мерки за пролетта 2026-та година, двегодишна програма на Европската комисија (ЕК) која им дава насоки на 27-те земји-членки за економските приоритети на блокот.

„До 1,3 милиони работни места се во опасност поради војната на Блискиот Исток, особено во енергетски интензивните индустрии“, рече Манзато, додавајќи: „Дозволете ми да подвлечам и дека зголемените трошоци за енергија ќе имаат особено негативно влијание врз домаќинствата со ниски приходи во Европа, поради што препорачуваме сите земји-членки да преземат целни мерки за да можат да ги поддржат ранливите групи“.

Конфликтот, кој започна кога Израел и САД започнаа напади врз Иран кон крајот на февруари, веќе има опипливо влијание врз европската економија, предизвикувајќи зголемување на цените на енергијата. Најновите европски економски прогнози, објавени во мај, велат дека војната го забавила европскиот економски раст, а воедно ја зголемила инфлацијата.

Броевите за економскиот раст и инфлацијата значително варираат низ ЕУ, што ЕК го смета за закана за конкурентноста.

Пакетот посветува значителен простор на вработувањето, фокусирајќи се на промовирање квалитетни работни места и како земјите од ЕУ можат да се справат со постојаниот недостиг на квалификувани работници во стратешки важните сектори.

Манзату рече дека 77% од европските компании пријавиле дека недостигот на квалификувани работници останува значајна пречка за инвестиции. Таа ги наведе лошите услови за работа како клучен двигател на овој недостиг.

„Не можеме да привлечеме таленти, не можеме да ги намалиме недостатоците, не можеме да ги подобриме приходите на луѓето без да обезбедиме добри услови за работа“, нагласи комесарката.

Од почетокот на овој мандат, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, ја направи конкурентноста еден од главните приоритети на Брисел, додека геополитичките превирања растат.

Во меѓувреме, ЕУ сака да ги намали економските бариери на единствениот пазар, да создаде попријателска средина за бизнисот за компаниите и капиталот и да ги минимизира стратешките зависности, особено од Кина и САД.

За таа цел, ЕК ги притиска земјите-членки за поцврста индустриска политика, поголеми инвестиции на капиталните пазари и агенда за поедноставување што, меѓу другото, би ги намалила административните оптоварувања и во приватниот и во јавниот сектор.

Паралелно, ЕК работи на забрзување на економските реформи на ниво на ЕУ, иако напредокот во голема мера зависи од подготвеноста на земјите-членки да дејствуваат.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП