Според информациите објавени од познатиот инсајдер на „Weibo“, „Digital Chat Station“, „Apple“ моментално развива прототип на уред чиј екран се протега низ сите страни на телефонот. Се вели дека уредот користи дупка за предната камера, додека системот за „Face ID“ е целосно скриен под екранот.
„Digital Chat Station“ претходно точно го предвиде дизајнот на моделите „iPhone Air“ и „iPhone 17 Pro“ пред нивното претставување.
Информацијата доаѓа во време кога веќе се шпекулира за посебен јубилејен модел на „iPhone“ за прослава на 20-годишнината од уредот, кој би можел да пристигне во 2027-ма година со целосно непрекинат екран без никакви дупки. Доколку „iPhone 19 Pro“ навистина добие екран закривен од сите четири страни, останува прашањето како „Apple“ ќе го разликува јубилејниот модел од стандардната „Pro“ верзија.
Една можност е дека „јубилејниот“ уред ќе добие целосно скриен систем на предни камери без дупка на екранот, додека „iPhone 19 Pro“ би задржал мала дупка за камерата. Според претходните извештаи, „Apple“ долго време се обидува да развие камера поставена под екранот без губење на квалитетот на сликата, па затоа задржувањето на отворот за камерата би можело да биде привремено решение.
Исто така, се шпекулираше дека „Apple“ би можел да го прескокне името „iPhone 19“ и директно да го претстави „iPhone 20“ за годишнината, слично на тоа како компанијата се префрли од „iPhone 8“ на „iPhone X“ во 2017-та година.



