Европската унија (ЕУ) ќе ја намали својата прогноза за економски раст и очекува повисока инфлација бидејќи војната во Иран ќе предизвика „стагфлациски шок“, изјави комесарот за економија и продуктивност Валдис Домбровскис во интервју за „CNBC“.
Тој рече дека пролетната прогноза на Европската комисија (ЕК), која ќе ги одрази овие загрижености, ќе биде објавена оваа недела.
Домбровскис зборуваше кратко пред состанокот на министрите за финансии на Г-7 во Париз, каде што главна тема ќе бидат ограничувањата на глобалниот економски раст, енергетската криза и трговските тензии.
Очекувањата за стагфлација во Европа се зголемуваат во последните недели, бидејќи нема трајно решение на повидок за војната на Блискиот Исток, а затворањето на Ормутскиот теснец ги искачи цените на нафтата над 100 долари за барел.
„Европа продолжува да ги ослободува своите нафтени резерви, и колку подолго трае конфликтот, толку е поголем ризикот за снабдувањето“, забележува Домровскис.
Тој е категоричен дека слободата на дејствување на политичарите е поограничена сега отколку за време на пандемијата на коронавирусот и не може да се очекува „широк одговор“ на кризата.
Брисел забележува дека е важно мерките за поддршка да бидат привремени и насочени, а не такви што ја поттикнуваат побарувачката за фосилни горива.
Аналитичарите предупредуваат дека глобалните резерви на нафта нагло се намалуваат и нема да можат да се обноват до декември 2027-ма година. Недостаток на нафта би можел да се почувствува во Европа веќе на крајот на овој месец.
Според проценките на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), брзото намалување на баферите на пазарите на нафта би можело да ги одржи цените на нафтата високи долго време.



