ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТСАД сакаат да ја променат енергетската мапа на Балканот

САД сакаат да ја променат енергетската мапа на Балканот

Соединетите Американски Држави сакаат да ја променат енергетската мапа на Западен Балкан преку мрежа од билатерални договори за увоз на течен природен гас (LNG), со цел намалување на зависноста на регионот од Русија и зајакнување на енергетскиот коридор од јужна до централна Европа.

Планирана е серија проекти од Хрватска преку Босна и Херцеговина и Северна Македонија, Албанија, Црна Гора до територијата на Косово и Србија. Тие вклучуваат нови гасоводи, терминали за LNG и гасни електрани, а се придружени со политичка и финансиска поддршка од администрациите во Вашингтон и Брисел.

Некои проекти се веќе во фаза на изградба или склучување договори, други се во фаза на планирање, додека целиот регионален енергетски систем постепено се пренасочува кон природен гас од САД, Азербејџан и Медитеранот.

Џонатан Стерн, професор на Оксфордскиот институт за енергетски студии, истакнува дека Југоисточна Европа веќе развила алтернативни правци.

-Терминали за течен природен гас (LNG) има во Грција и Хрватска, како и Јужниот гасен коридор од Азербејџан, заедно со романското гасно поле Нептун Дип во Црното Море, чија експлоатација треба да започне следната година, а резервите се проценуваат на 100 милијарди кубни метри – изјави Штерн за Радио Слободна Европа.

Крај на зависноста на БиХ од Русија

Босна и Херцеговина е во центарот на вниманието во последните месеци поради проектот за Јужна гасна интерконекција со Хрватска, кој би му обезбедил на ентитетот на Федерацијата на БиХ пристап до терминалот за течен природен гас на Крк и алтернативни добавувачи на гас.

Во исто време, властите на другиот ентитет, Република Српска, продолжуваат да развиваат одделни гасни врски со Србија, вклучувајќи го и проектот за Источна интерконекција од Бијелина до Бања Лука.

Речиси пет децении, Босна и Херцеговина е целосно зависна од гасот од Русија, кој пристигнува преку Турскиот тек и главно се користи за греење во Сараево, па затоа во споредба со Србија, таа е занемарлив потрошувач.

Договорот меѓу БиХ и Хрватска за поврзување на гасоводот од Далмација до централна Босна, со краци до Херцеговина и северозападниот дел од земјата, беше потпишан со учество на американскиот министер за енергетика Крис Рајт во април во Дубровник.

На сè му претходеа неколкумесечна официјална поддршка од Вашингтон за проектот, кој го нарекоа „стратешки за енергетската безбедност на регионот“.

Хрватскиот дел од проектот го управува државната компанија „Плинакро“, додека во БиХ за носител е назначена приватната американска компанија AAFS Infrastructure and Energy, чии директори се дел од внатрешниот круг на американскиот претседател Доналд Трамп.

Проектот предизвика критики од Европската комисија и Енергетската заедница, чиј член е БиХ, поради посебниот закон (lex specialis) во Федерацијата на БиХ во кој е вклучена американска приватна компанија, како и прашања за усогласеност со правилата на ЕУ.

-Проектот мора да се спроведе во рамка што е целосно усогласена со законското acquis на Енергетската заедница и принципите на енергетската политика на ЕУ – изјави за РСЕ/РЛ Хана Клесон, портпаролка на Европската енергетска заедница.

БиХ годишно троши до 250 милиони кубни метри гас, додека околу 1,5 милијарди кубни метри треба да течат низ новиот гасовод, па затоа се разгледува изградба на гасни електрани кои би можеле да снабдуваат електрична енергија за околу 400.000 домаќинства. Во моментов, 80 проценти од електричната енергија се произведува во термоелектрани на јаглен, од кои некои се изградени пред повеќе од 50 години.

Планираниот гасовод би бил поврзан со постојниот што доаѓа од Србија.

Сепак, професорот Џонатан Стерн смета дека гасоводот „е важен за Босна и Херцеговина, но не и за поширокиот регион“ и изразува сомнежи за профитабилноста на инвестицијата од околу една милијарда евра.

-Хрватска нема достапен капацитет за течен природен гас (LNG) за транзит на гас низ Босна и Херцеговина. А каде би оделе? Србија сега може да го добие преку Бугарија – рече Стерн.

Стратешко партнерство меѓу Србија и САД

Србија ја проширува својата гасна инфраструктура во обид да ја задржи својата улога како регионален енергетски центар, а истовремено отвора простор за американски LNG и нови западни инвестиции во енергетскиот сектор.

Министерката за енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, потпиша заедничка изјава со САД и неколку земји од Источна и Централна Европа на самитот во Вашингтон во февруари оваа година.

Директорот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ, изјави дека Србија „ќе мора да купува американски гас“, иако количините и формалните договори не се дефинирани.

Стратешкиот договор од 2024 година со САД за енергија предвидува диверзификација на изворите, но сè уште нема формален договор за купување американски течен природен гас (LNG).

Американскиот гас би можел да пристигне преку хрватскиот терминал во Крк или грчкиот Александрополис благодарение на новите интерконекции кон Бугарија и Македонија.

Србија управува со мрежа од околу 2.500 километри гасоводи и планира нови, вклучително и кон Северна Македонија, и го проширува складиштето Банатски Двор.

Во моментов, повеќе од 80 проценти од гасот се добива од Русија преку Турски тек. И покрај најавите за диверзификација, клучните гасно-енергетски капацитети во Србија сè уште се поврзани со руски компании.

Терминал за течен природен гас (LNG) во Бар и гасни електрани

Црна Гора, иако без гасна мрежа, станува дел од американската рамка за течен природен гас (LNG) преку планови за терминал во пристаништето Бар и идни гасни електрани.

Црна Гора учествуваше на Американскиот трансатлантски самит за безбедност на гасот во Вашингтон во февруари оваа година.

Иако американските компании Enerflex и Wethington Energy Innovation потпишаа меморандум со Владата на Црна Гора за подготовка на проектот во 2023 година, клучните елементи на снабдувањето сè уште не се дефинирани.

Подгорица го поддржа проектот за Јонско-јадранскиот гасовод (IAP), но тој сè уште е во концептуална фаза.

Се разгледуваат голем број гасни електрани со капацитет од 50 до 400 мегавати во Бар, Подгорица и Плевља.

-Сите разгледани опции се технички изводливи и економски профитабилни – се наведува во студиите направени за Електростопанството на Црна Гора.

Инвестициите се проценуваат помеѓу 233 и 362 милиони евра.

Косово моментално е надвор од плановите

Косово нема гасна инфраструктура и целосно се потпира на термоелектрани на јаглен. Проектот за гасно поврзување со Македонија беше запрен поради високите трошоци и фокусот на обновливи извори.

Приштина одби да инвестира околу 200 милиони долари во гасна инфраструктура и ги пренасочи средствата кон системи на батерии за складирање на енергија.

Македонија е клучна врска на јужниот коридор

Северна Македонија гради нова гасна инфраструктура со поддршка на САД и ЕУ, обидувајќи се да ја намали својата зависност од рускиот гас.

Гасоводот Гевгелија-Неготино е во изградба и ќе ја поврзе земјата со грчките терминали за течен природен гас (LNG).

Планирана е и изградба на 67 нови енергетски објекти со вкупен капацитет од 4.416 мегавати.

Албански јазол за течен природен гас на Јадранското Море

Во април 2026 година, Албанија потпиша стратешки договор вреден шест милијарди долари со американската компанија Venture Global и грчката компанија Aktor LNG USA.

Планот вклучува развој на енергетски центар во Валона со терминал за течен природен гас (LNG) и гасна електрана со капацитет од околу 380 мегавати, со поврзување со Трансјадранскиот гасовод (TAP).

Албанија би можела да стане влезна точка за дистрибуција на американски гас во регионот.

Експертите предупредуваат дека инфраструктурата сама по себе не гарантира енергетска безбедност, но е потребно да се обезбедат долгорочни и сигурни договори за снабдување со гас.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП