Ново поскапување на угостителските услуги пресмета Државниот завод за статистика. Информациите велат дека цените на угостителските услуги во април 2026 година во однос на истиот месец од претходната година се зголемени за 2.8%.
Цените на угостителските услуги во периодот јануари – април 2026 година во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 3%, додека во однос на декември 2025 година зголемувањето е 0.6%.
Тоа што е најзабележително во овој извештај е тоа што на годишно ниво цените на храната што се служи во угостителските производи бележи зголемување од 7.4 отсто. Речиси идентично зголемување на цените има и кај алкохолните пијалаци, а за над 3% се поскапени соковите, чаевите и кафињата. На годишно ниво има намалување на цената на ноќевањата за околу 13 проценти.
Цените во угостителството во април 2026 година, во однос на март 2026 година, во следниве групи се зголемени за:
- 0.8% кај Храна
- 0.2% кај Алколхолни пијалаци
- 0.1% кај Безалкохолни пијалаци
Во групата Ноќевања не е забележана промена на цените.
Неколку пати до сега угостителите велат дека се приморани да ги зголемуваат цените на производите и услугите кои ги продаваат, со оглед на фактот што платите во угостителството се зголемуваат континуирано, а и кубурат со кадар во секој домен од работата. Дополнително, се жалат дека им се зголемуваат цените на кириите, потоа имаат зголемени трошоци за електрична енергија, а и производите кои ги купуваат за да ги подготват менијата во рестораните и кафеаните од ден на ден се се поскапи.
Како и да е, македонските граѓани многу тешко се откажуваат од ваквите навики, особено пиењето на кафе во баровите, ручеци со пријателите, колегите или семејството, или вечерни излегувања во опуштена атмосфера. Тоа се најчестите работи за кои многу и не се гледаат цените во кафаните.
И.П.



