Доколку Иран нападне кој било американски брод околу Ормутскиот теснец, тој ќе биде избришан од лицето на земјата, изјави денес претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, за Фокс њуз.
„Имаме повеќе оружје и муниција отколку што имавме порано. Имаме најдобра опрема, имаме бази низ целиот свет и сите се опремени. Можеме да го користиме сето тоа и ќе го користиме доколку ни треба“, рече Трамп.
Тој истакна дека денес Иран „се обидел да нанесе неколку удари врз други нации“ и прецизираше дека бил погоден јужнокорејски товарен брод.
Тој изјави дека затоа американската војска денес нападнала и потопила „седум мали“ ирански чамци, додавајќи дека тоа е сè што им останало.
Иако Трамп постојано тврди дека иранската морнарица е целосно уништена, претседателот на Здружениот штаб, генерал Ден Кејн, призна дека Корпусот на исламската револуционерна гарда на Иран сè уште има мали чамци што можат да се користат во теснецот.
Американската војска потопи шест мали ирански бродови
Американската војска соопшти дека денес се вклучила во напад со иранските сили и потопила шест мали бродови во обид да го отвори Ормускиот теснец.
Командантот на Централната команда на САД, адмирал Бред Купер, им изјави на новинарите дека американските трупи успешно отвориле премин низ теснецот кој е ослободен од ирански мини. Тој додаде дека Иран испукал неколку крстосувачки ракети и беспилотни летала кон цивилни бродови под американска воена заштита, како и дека испратил мали бродови против нив.
Купер рече дека американските воени хеликоптери потонале шест мали бродови и дека „скоро секоја“ закана е поразена.
Обединетите Арапски Емирати, клучен сојузник на САД, денес објавија дека се нападнати од Иран за прв пат откако кревкото примирје во војната меѓу САД и Израел и Иран стапи на сила на почетокот на април.
Нападите се чини дека се одговор на последните обиди на американскиот претседател Доналд Трамп да го отвори Ормускиот теснец, критичен морски премин преку кој се врши глобалниот извоз на нафта.
Според американската војска, два трговски брода под американско знаме успешно поминаа низ теснецот денес како дел од новата иницијатива.



