Русија ќе остане дел од ОПЕК+ и покрај одлуката на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) да го напуштат ОПЕК, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Се надеваме дека одлуката на ОАЕ да го напуштат ОПЕК нема да стави крај на форматот ОПЕК+ на водечките светски производители на нафта“, додаде тој.
ОАЕ објавија дека го напуштаат ОПЕК во услови на продлабочување на енергетската криза предизвикана од војната во Иран, што ги влоши несогласувањата меѓу земјите од Персискиот Залив.
Рускиот министер за финансии, Антон Силуанов, од своја страна, изјави дека излегувањето на ОАЕ може да доведе до зголемување на производството од страна на индивидуалните производители и, соодветно, до намалување на светските цени на нафтата.
„Ова значи дека земјата ќе може да произведува онолку нафта колку што дозволува нејзиниот производствен капацитет и да ја пласира на пазарот“, рече Силуанов.
Русија е членка на групата земји ОПЕК+ и ги координира своите политики со членовите на ОПЕК. Москва се смета за главен корисник од порастот на глобалните цени на нафтата поради војната на Блискиот Исток.
Тој рече дека ако земјите од ОПЕК почнат да дејствуваат некоординирано и го зголемат производството, цените на нафтата ќе паднат.
Силуанов истакна дека цените остануваат поддржани од ситуацијата околу Ормутскиот теснец во моментов, а прогнозите за прекумерна понуда се поврзани со можна нормализација на сообраќајот во иднина.
Русија одржува блиски односи и со ОАЕ и со Саудиска Арабија, која е водечка членка на ОПЕК и се смета за една од главните корисници на зголемените цени на нафтата поради конфликтот на Блискиот Исток.



