ПочетнаЕКОНОМИЈАСамо еден невалиден документ може да ви го уништи одморот

Само еден невалиден документ може да ви го уништи одморот

Редицата автомобили полека се поместува. Сонцето пече, климата работи на максимум, а нервозата расте. Некој излегува од кола, некој проверува документи по трет пат. И секоја година истата сцена. Граница. И едно исто прашање: дали имам сè што треба?

За многумина, патот до море почнува со спакувани куфери и добра музика. Но вистинската проверка не е ни автопатот, ни патарините. Туку рампата. Таму нема импровизација. Или имаш документи – или се враќаш назад.

Првото и најочигледно: важечки патен документ. И тука почнуваат проблемите. Секое лето има луѓе кои стигнуваат до граница и сфаќаат дека документот им истекол пред два месеца. Или уште полошо – пред два дена.

„Најчеста грешка е што граѓаните не го проверуваат рокот на важност навреме“, велат познавачи на граничните процедури. И тоа не е формалност. Во некои случаи, иако документот формално важи, службениците можат да одбијат влез ако рокот истекува многу брзо.

Ако патувате со деца, правилата се уште построги. Малолетниците мора да имаат сопствен документ. Не постои повеќе впишување во пасош на родител. Дополнително, ако детето патува само со еден родител, или со друго лице, често се бара нотарска согласност од другиот родител. Мал лист хартија што може да ви го расипе цел одмор ако го немате.

Потоа доаѓа автомобилот. Возачка дозвола, сообраќајна, зелена карта. Тројка што не се преговара. Особено зелениот картон – документ што многумина го забораваат, а на граница станува клучен. Без него, или нема да ве пуштат, или ќе платите дополнително осигурување, често по повисока цена.

Има и поситни, но не помалку важни детали. Полномошно ако возилото не е на ваше име. Доказ за техничка исправност. Дури и банални работи, како резервна опрема во автомобилот, знаат да станат причина за казна веднаш по преминување на границата.
Секој што барем еднаш бил вратен знае како изгледа тоа. Нема расправа, нема објаснување. Само ладно „не може“. И назад. Со нервоза, со разочарување, со изгубен ден.

Постојат и други, помалку очигледни работи. Здравствено осигурување за странство. Не е задолжително, но е паметно. Една посета на лекар во странство може да чини колку цел одмор. А полисата – неколку илјади денари.

Пари. И тоа не само на картичка. Во некои ситуации, граничните служби можат да побараат доказ дека имате доволно средства за престој. Ретко, но се случува. Особено ако одите подолго или без резервација.

А кога сме кај резервации, добро е да имате потврда каде ќе престојувате. Хотел, апартман, камп. Денес тоа често е на телефон, но некогаш е подобро да имате и печатена верзија. Сигурност повеќе.

И покрај сè, најголемиот проблем не е бирократијата. Туку навиката да се тргне „на мускули“. Да се мисли дека ќе помине и без нешто. Понекогаш поминува. Понекогаш не.

И токму тие „понекогаш не“ се случуваат на 40 степени, во колона, со деца на задно седиште и со планови што се распаѓаат за неколку секунди.

Затоа искусните патници имаат едно правило. Проверка ден порано. Не на паркинг пред граница. Дома. На мир.

Документите не тежат многу. Но кога ќе ги немаш стануваат најтешкиот багаж што го носиш.

И морето? Тоа ќе почека. Границата – не.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП