Грција нема да биде најзадолжената земја во еврозоната до крајот на годината, а се очекува нејзиниот јавен долг да падне под оној на Италија, според извори на „Reuters“ и бројки од новиот буџетски план на Рим.
Се очекува долгот на Грција да падне на околу 137% од бруто домашниот производ (БДП) оваа година од 145% во 2025-та година, изјавија за „Reuters“ два високи извори.
Во исто време, долгот на Италија се очекува да се зголеми од 137,1% од БДП во 2025-та година на 138,6% во 2026-та година според повеќегодишниот буџетски план на Министерството за финансии објавен во четвртокот.
„Грција нема да биде најзадолжената земја во еврозоната – почнувајќи од оваа година“, рече еден од двајцата грчки владини претставници со кои разговараше медиумот.
Новите проценки за односот на долгот на Грција ќе бидат вклучени во новиот повеќегодишен фискален план на земјата, кој ќе биде презентиран на Европската комисија подоцна овој месец.
Долгот на Италија ќе остане генерално стабилен на 138,5% во 2027-ма година, пред да падне на 137,9% во 2028-ма година и 136,3% следната година, покажува буџетскиот план.
Од 2020-та година, јавниот долг на Грција – највисок во еврозоната за две децении – се намали за повеќе од 45 процентни поени на 145% од БДП минатата година. Италија го намали својот долг за околу 17 процентни поени во истиот период.
Грција, која се опоравува од децениската финансиска криза и три спасувачки пакети во вредност од околу 280 милијарди евра, планира да врати околу 7 милијарди евра во кредити од својот прв спасувачки пакет подоцна оваа година.



