Инфлацијата во Велика Британија се искачи на 3,3% во март, во споредба со 3,0% во февруари, предизвикана од наглиот пораст на цените на горивата поттикнати од конфликтот меѓу САД и Израел со Иран. Ова е првиот официјален показател за влијанието на настаните на Блискиот Исток врз животниот стандард во земјата.
Канцеларијата за национална статистика на Велика Британија соопшти дека најголеми фактори кои придонесуваат за зголемувањето на инфлацијата се повисоките цени на бензинот и дизелот, повисоките авионски билети и зголемувањето на цените на храната. Зголемувањето на цените на енергијата е поврзано со зголемувањето на глобалните цени на нафтата, кои достигнаа околу 100 долари за барел поради проблеми со снабдувањето преку Ормутскиот теснец.
Меѓународниот монетарен фонд предупреди дека Велика Британија би можела да го доживее најбавниот економски раст меѓу земјите од Г-7 оваа година, со една од највисоките стапки на инфлација, додека ризикот од глобална рецесија расте.
Инфлацијата останува далеку над целта од 2%, што ја натера Банката на Англија да ги остави каматните стапки непроменети минатиот месец, предупредувајќи дека продолжениот конфликт и нарушувањата на пазарот на енергија би можеле да доведат до понатамошни зголемувања.
Пред конфликтот, се очекуваше инфлацијата значително да падне во април благодарение на владините мерки за намалување на трошоците за енергија, но економистите сега проценуваат дека високата инфлација ќе продолжи во текот на целата година.
Британскиот министер за финансии, Рејчел Ривс, изјави дека владата се обидува да ги заштити граѓаните и компаниите од зголемувањето на трошоците, нагласувајќи дека конфликтот не е единствен за Велика Британија, туку директно влијае на трошоците за домаќинствата и бизнисите.
Трошоците за транспорт, вклучувајќи ги горивото и авионските билети, се зголемија за 4,7% на годишно ниво, што е најголемо зголемување од крајот на 2022-ра година. Цените на бензинот во март го достигнаа највисокото ниво од август минатата година, додека цените на дизелот се искачија на највисоко ниво од ноември 2023-та година. Единствениот елемент што донекаде ја ублажи инфлацијата беа пониските цени на облеката во споредба со претходната година.
Економистите проценуваат дека инфлацијата би можела малку да ослабне во април благодарение на пониските сметки за енергија, но нагласуваат дека понатамошните случувања на Блискиот Исток ќе бидат клучни. Во случај на смирување на тензиите и стабилизирање на снабдувањето со енергија, инфлацијата би можела да достигне помеѓу 3,5 и 4,0 проценти во текот на летото. Доколку дојде до нова ескалација, постои можност за раст до 5,0 проценти.
Финансиските пазари во моментов очекуваат барем едно зголемување на каматните стапки оваа година, иако се проценува дека централната банка веројатно нема да ја промени сегашната монетарна политика на својот следен состанок кон крајот на април.



