Цените на нафтата претежно стагнираа во среда, откако пораснаа за околу еден долар на почетокот на азиското тргување, додека инвеститорите ги проценуваат изгледите за мировни преговори меѓу САД и Иран, објавува Ројтерс.
Фјучерсите за сурова нафта Брент паднаа за 0,70 проценти на 97,79 долари за барел, откако претходно достигнаа 99,38 долари во тргувањето. Американската сурова нафта од Западен Тексас (WTI) падна за 1,07 проценти на 88,71 долари за барел, откако се отвори на 90,71 долари. И двата референтни договори од претходниот ден забележаа зголемување од околу три проценти.
Претседателот Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави ќе го продолжат примирјето со Иран на неодредено време, само неколку часа пред неговото истекување, со цел да се овозможи продолжување на преговорите за прекин на конфликтот што веќе имаше сериозни последици за глобалната економија.
Одлуката на Вашингтон беше перцепирана како еднострана и сè уште не е јасно дали Иран или американскиот сојузник Израел ќе се согласат со продолжување на примирјето што започна пред две недели.
„Со оглед на тоа што исходот од разговорите е сè уште неизвесен, а Ормускиот теснец затворен, на пазарот му недостасува јасна насока“, рече Хиројуки Кикукава, главен стратег во „Нисан Секјуритити Инвестмент“. Тој додаде дека цените би можеле да останат блиску до сегашните нивоа доколку нема продолжување на конфликтот, пишува „Сибиз“.
Во исто време, Доналд Трамп објави дека американската морнарица ќе продолжи со блокадата на иранските пристаништа и брегови, што иранските претставници го оценија како воен чин.
Официјален Техеран досега не го објави продолжувањето на примирјето, додека агенцијата Тасним, поврзана со Револуционерната гарда, објави дека Иран не побарал продолжување и го повтори својот став дека ќе се обиде да ја пробие американската блокада со сила.
Поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец, низ кој нормално минуваат околу 20 проценти од глобалните залихи на нафта и течен природен гас, продолжува да биде сериозно нарушен. Во последните 24 часа, само три брода поминале во таа насока, според податоците од индустријата.
Дополнителни тензии доаѓаат од Блискиот Исток, каде што израелската војска соопшти дека Хезболах испукал ракети кон нејзините сили во јужен Либан, обвинувајќи ја групата за кршење на прекинот на огнот пред новите разговори посредувани од САД. Хезболах не коментираше веднаш за ова прашање.
Во Европа, претседателот Володимир Зеленски изјави дека нафтоводот „Дружба“ е подготвен да продолжи со работа. Сепак, според три извори од индустријата, Русија планира да ги прекине испораките на нафта од Казахстан до Германија во оваа насока од 1 мај, што дополнително ја комплицира ситуацијата на енергетскиот пазар.



