Долгоочекуваниот Саем на книга под мотото „Отвори прозорец кон нови светови“ оваа година повторно ги отвора вратите кон приказните што го менуваат погледот на светот. Од 23 до 29 април 2026, Арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се претвори во вистински простор каде што литературата, културата и љубителите на книгата се спојуваат на едно место. Со децении присутен во македонскиот културен календар, Саемот на книгата останува еден од најзначајните културни настани, кој ја обединува публиката од целата земја и од странство, ја поттикнува читачката култура и создава простор за поврзување меѓу авторите, издавачите и читателите.
Организаторите од Скопски Саем го опишуваат како „најголем културен настан во земјата“ што ги слави книгата и креативноста, но и место за дијалог и создавање нова публика каде богатиот избор од домашна и светска литература отвора нови светови, каде омилените приказни оживуваат, а новите книжевни авантури чекаат да бидат откриени. Издавачите добиваат можност за директна средба со читателите и промоција на нови изданија од различни жанрови, вклучително и литература за деца и домашни авторски дела, како и ексклузивни гостувања на странски автори. Оваа година, меѓу нив е американската авторка на психолошки трилери Сара Пеканен како дел од програмата на „Арс Ламина“. Преку издавачката куќа “Сакам книги” доаѓа и италијанската писателка Виола Ардоне – авторка на популарната книга „Возот за деца“ која веќе доби и своја Netflix адаптација. На штандот на издавачки центар ТРИ ќе гостува Хајс Вилбринк, автор од Холандија. На штандот на Антолог најавено е гостување на авторката Ирса од Исланд, препознатлива авторка на трилери. Чешкиот писател Јиржи Хајичек е специјален гостин на „Славика либрис“.

