4 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПочина творецот на „Оранжина“

Почина творецот на „Оранжина“

orangina

Творецот на најпопуларниот безалкохолен пијалак во светот по американската „Кока Кола“, француската „Оранжина“, Жан-Клод Бетон почина во Марсеј на 88-годишна возраст, јави дописникот на МИА од Париз.

Авантурата на Жан-Клод Бетон со „Оранжина“ почна во 1936 година, кога неговиот татко го произведува првото шише на „Оранжина, сода од портокал“, според формула на еден апотекар од шпанскиот град Веленсија. Пијалакот содржи концентрат од портокал, газирана вода и малку етерично масло. Но, поради граѓанската војна во Шпанија, а потоа и поради Втората светска војна првобитниот проект пропаѓа.

Со диплома на инженер-агроном, Жан-Клод Бетон во 1951 година ја возобновува и конкретизира старата идеја. Шишето на „Оранжина“ ја добива сегашната форма која потсетува на портокал и неговата рапава кора, на етикетата има само парче портокал во форма на чадот за сонце со сино небо во позадина и маса од бистро, замислени од графичарот Бернар Вилемот.

Откако ги освои земјите од Магребот, „Оранжина“ тргна во освојување на Франција, пренесувајќи го своето седиште во Марсеј во 1961 година, непосредно пред независноста на Алжир. Оваа семејна компанија расте, како што растат и апетите на нејзините конкуренти, пред да биде преземена од француската група „Перно-Рикар“ во 1984 година. По ова „Оранжина“ менува повеќе сопственици, за во 2009 година да ја купи јапонаската компанија „Сунтори“.

„Оранжина“, која се наоѓа во истата група со „Швепс“, „Оазис“ и „Пулко“, ова лето покри 20 проценти од пазарот на безалкохолни пијалаци, со што стана втора групација во овој сектор по „Кока Кола“, која покрива 52,3 проценти од пазарот. 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП