25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСарачини: Трговската размена во првите девет месеци со раст од 20 отсто

Сарачини: Трговската размена во првите девет месеци со раст од 20 отсто

saracini

Република Македонија и Унгарија, оваа година во услови на криза, за првите девет месеци имаат зголемување на трговската размена, која изнесува некаде околу половина милион долари. Македонија бележи и раст воопшто на извозот за посочениот перид од 20 отсто.

Ова го истакна министерот за економија Ваљон Сарачини  на втората седница на Мешовитата македонско-унгарска меѓувладина комисија за економска соработка што денеска се одржа во Скопје.

– Ова мора да се потенцира затоа што во услови на криза кога во земјите во регионот паѓа трговската размена во РМ имаме навистина сериозно зголемување и не само со Унгарија. Извозот на РМ за првите девет месеци во 2013 за разлика од првите девет месеци во 2012 расте за некаде околу 20 проценти, изјави Сарачини.

Според него, растот со Унгарија е резултат на одржаните средби и на бизнис форумот, како и на повеќе потпишани договори меѓу двете земји. Тој денеска беше домаќин на Втората седница на Мешовитата македонско – унгарска меѓувладина комисија за економска соработка, со која копретседаваше заедно со Петер Сијарто Државен секретар за надворешна политика и надворешна трговија во Кабинетот на претседателот на Владата на Република Унгарија. Двајцата го потпишаа Протоколот за одржаната Втора седница на Мешовитата комисија.

Сарачини и Сијарто го најавија и одржувањето на новиот бизнис форум предводен од премиерите на двете земји во Скопје со учество на околу 30 компании од Унгарија кои со македонски компании ќе разговараат за можностите за деловна соработка. Форумот е резултат на потпишаниот Договор меѓу Агенцијата за странски инвестиции на Македонија и Агенцијата за странски инвестиции – ХИТА од Унгарија.

Инаку, на Меѓувладината комисија е разговарано за повеќе теми.

– Сигурна работа која денеска ја договоривме е дека од страна на унгарските компании е потврдено дека следното лето нашите студенти може да одат на практична настава во угарските компании или, пак, во странските инвеститори кои имаат отворено погони во Унгарија, се со цел да видат како таму се работи, односно како се реализираат странските инвестиции, рече Сарачини.

Тој најави дека утре ќе бидат потпишани три договори со унгарските претставници и тоа во областа на образованието, екологијата и културата кои треба дополнително да придонесат за соработката меѓу двете земји.

Државниот секретар Сијарто, пак, од политички аспект подвлече дека процесот на интеграција на РМ во ЕУ би требало да се забрза и по ова прашање Македонија, вели, можела и може и понатаму да смета на поддршката на Унгарија.

Во делот на економската соработка, рече се одвива според договорениот план меѓу двете страни и прецизира дека утре треба да се потпишат договори за соработка меѓу водостопанските претпријатија од Будимпешта и Охрид, три спогодби во областа на туризмот, а унгарската Ексим Банк и Македонската банка за развој почнале преговори за заеднички проекти, односно за финансирање на билатералните трговски односи. Догорени се и 20 стипендии кои македонски студенти може да ги искористат за студии на унгарските факултети.

Следната седница на Мешовитата македонско – унгарска меѓувладина комисија треба да се одржи наредната година. 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП