Мора да го зголемиме обемот на енергија произведена во Европската Унија (ЕУ), вклучително и од нуклеарно гориво, изјави претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, по неделниот состанок на европските комесари, на кој беа дискутирани последиците од кризата на Блискиот Исток.
Според неа, долгорочните решенија се поврзани со поголема електрификација и надминување на зависноста од увоз на фосилни горива. Таа прецизира дека од почетокот на нападите врз Иран, ЕУ платила 22 милијарди евра повеќе за увезени фосилни горива.
Според Фон дер Лајен, дури и ако борбите завршат утре, последиците ќе се чувствуваат долго време.
„Мора да ја намалиме потрошувачката на гориво“, повикува претседателката на Комисијата.
Таа, исто така, ги наведува претходно презентираните мерки против зголемувањето на цената на енергетските извори и изразува надеж дека тие наскоро ќе бидат одобрени.
Урсула фон дер Лајен повикува на тесна координација меѓу земјите од ЕУ за полнење на складиштата за гас и ослободување на резервите на нафта. Таа вели дека очекува до крајот на месецот да бидат одобрени привремени мерки за да се обезбеди поголема флексибилност во обезбедувањето државна помош за оние кои се најпогодени од зголемувањето на цените на енергијата.
Претседателката на Европската комисија вели дека затворањето на Ормутскиот теснец предизвикува огромна штета додека мировните преговори се во застој. Фон дер Лајен вели дека секој договор мора да ги земе предвид загриженостите за ракетните и нуклеарните програми на Техеран, како и слободното движење низ Ормутскиот теснец.
„Загрижени сме дека нападите врз Либан би можеле да го засенат целиот процес“, вели таа. Главната лекција од последните недели, вели таа, е дека не може да има стабилност на Блискиот Исток додека Либан гори.



