Земјоделците не се согласуваат со актуелните политики на власта кои се насочени кон нивната дејност. Веќе подолг период најголем дел од земјоделските здруженија имаат вербални пресметки со министерот за земјоделство Цветан Трипуновски. Но во последниов период, а особено откако беше промовиран и новиот модел на делење на субвенциите велат дека чашата е прелеана.
Министерот пак смета дека води транспарентна и правична политика и дека работи во интерес на вистинските земјоделци. Реакција има и од опозицијата која смета дека аларманта е состојбата во земјоделието, додаваат дека земјоделците се оставени сами, на раб на егзистенција.
Од Националната земјоделска мрежа велат дека чашата се прели на последната средба помеѓу нив и властите, средба која беше во организација на ресорното министерство, а беше под слоганот „Да се чуе гласот на земјоделецот.“
На трибината можеше да се чујат незадоволни земјоделци од една страна и ветување за решавање на проблемите од друга страна.
Во услови кога светот се соочува со најголемата криза за храна, на енергенски и на скапи репроматеријали, земјоделците се гневни дека властите трошат пари на скапи кампањи, на ПР, на самопромоција, се со цел да се прикажат „успесите на министерството за земјоделство“. Но земјоделците велат дека нема да наседнат на тие трикови.
„Поради тотална неспособност, понижувачки однос и уништување на аграрот, ЈАВНО БАРАМЕ МИНИСТЕРОТ ПОД ИТНО ДА СИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА или да биде веднаш разрешен! Земјоделецот заслужува достоинство, а не потсмев! – велат од Националната земјоделска мрежа.
Со слични ставови се и од опозицијата. Од СДСМ велат дека аларманта е состојбата во земјоделието, земјоделците се оставени сами, на раб на егзистенција. Воведени се нови рестриктивни услови – земјоделците мора да продадат најмалку 30% од производството кај регистрирани откупувачи, во спротивно не добиваат ниту денар субвенција.
„Владата на Мицкоски скрати 40 милиони евра од субвенциите со што директно удри врз земјоделците. Истовремено, драстично ги намалија субвенциите: за тутунот од 100 на 80 денари по килограм, за кравите од 12.000 на 8.000 денари по грло, за пченицата од 18.000 на 13.000 денари по хектар. Со зголемување на прагот од 3 на 5 декари, над 80% од малите земјоделци се практично исфрлени од системот за поддршка. Укината е авансната исплата на субвенции, со која земјоделците добиваа 30% од средствата однапред, кога им беа најпотребни. Пред избори ги лажеа земјоделците дека ќе обезбедат поголеми субвенции а им ги намалија“, велат од СДСМ.
Министерот Трипуновски пак е на став дека 7 години Филипче и СДСМ имаа катастрофални политики за земјоделците кои резултираа со масовни протести, нека не глумат сега лажна загриженост. На лидерот на опозицијата му порача дека лажно глуми загриженост за земјоделците.
„Седум години СДС не мрдна со прст за земјоделците. Ги игнорираа и понижуваа земјоделците и затоа денеска се таму каде што се, со едвај 15 пратеници во Парламентот. Мој совет по втор пат до Венко Филипче е тој што му го води пи-арот веднаш да го откаже, зошто се повеќе сум сигурен дека некој од внатре го мести. Понекогаш молчењето е подобра стратегија, особено кога фактите не се на негова страна“, вели министерот Трипуновски.
Тоа што дополнително се очекува во земјоделството е статусот со програмата од ИПАРД фондовите кој е закочена поради скандалот со поткуп во кој е вмешан екс директорот на платежната агенција.
И.П



