Инвестирањето на сопствената заштеда може да биде најважната одлука која ќе ја направите во животот. Особено ако направите добра одлука каде да инвестирате. Во морето на можности секогаш постојат различни опции, но инвестирањето во акции преку Фонд и понатаму останува, според многумина, најдобриот начин да создадете поголема вредност на вашите средства, без разлика на тоа дали сте почетници или не.
Акциите и понатаму претставуваат една од честите и популарни опции за инвестирање. И со право е така, бидејќи инвестирањето во акции може да се направи со многу помали средства и во одредени аспекти се одликува со помалку ризици наспроти инвестирањето во недвижнини. Експертите од развиените земји дури сметаат дека инвестирањето во акции треба да биде „финансиска навика“ на секој возрасен човек кој располага со сопствени пари.
„Инвестирањето во акции може да започне со мал влог, а да донесе голем поврат на средства. За разлика од инвестирањето во недвижнини, за кое се потребни стотици илјади евра само за купување на првиот објект, акциите нудат можност да се започне со мали суми како 20 евра во денарска противвредност. Затоа многу млади луѓе решаваат да започнат да инвестираат токму со акциски фонд, како одржлива опција за оплодување на парите“, вели Филип, инвестициски агент на ВФП Фонд Менаџмент.
Разбирањето на потенцијалните придобивки и нивото на сигурност на инвестициите се клучни за создавање на квалитетно и профитабилно инвестициско портфолио. Изборот на инвестицијата најчесто зависи од расположливите средства, но агентите на ВФП Фонд Менаџмент можат да ви помогнат да ја направите вистинската одлука во вистинското време, со цел да ја зголемите вашата заштеда.
Сведоци сме на вртоглавиот пораст на цените на недвижностите во последните години, што го прави инвестирањето во нив уште потешко, поскапо и практично неисплатливо. Дури и да располагате со доволно средства за да инвестирате во имот, треба да се соочите со фактот дека недвижнината е инвестиција која мора да се одржува и затоа доаѓа со дополнителни трошоци. Покрај тоа, наоѓањето на имот на соодветна локација кој може да ја удвои вредноста во реалноста е многу потешко отколку што изгледа.
„Дел од луѓето и понатаму преферираат да инвестираат во недвижнини бидејќи на нив гледаат како на физички постоечки и видливи инвестиции. Но, акциите имаат предност во тоа што побрзо може да се продадат, а можат да донесат и процентуално поголем профит. Додека да потпишете купопродажен договор за стан можат да поминат месеци, а акциите од развиени компании може да се купат или продадат за помалку од минута. А со донесување на низа вистински одлуки, на долг рок, инвестицијата во акциски фонд може да порасне и неколкукратно без личен напор“, додава Филип, агент на ВФП Фонд Менаџмент.
На пример доколку една инвестиција остварува 7% просечно годишно оплодување, за период од 40 години истата се зголемува 14 кратно. Се разбира, овој просечен годишен принос не е гарантиран, но е нешто што вообичаено се очекува од диверзификувано портфолио од акции на големи мултинационални бизниси.
Делливоста на инвестициите во акции и акциски фонд е дополнителен аргумент за да се инвестира во нив. За разлика од недвижностите, каде инвестицијата е неделива, односно не може да се продаде само една соба од стан ако во одреден момент ви затребаат средства, вложувањето во фондови е деливо.
Инвестирањето преку ВФП Фонд Менаџмент им дава можност на инвеститорите да инвестираат сума по нивен избор, која може да ја повлечат во првиот момент кога ќе почувствуваат дека сакаат да си ги вратат средствата назад. Средствата не се орочени, што значи дека не мора да се чека одреден период пред да бидат назад на банкарската сметка на инвеститорот. А кога повторно ќе станат расположливи, може одново да се инвестираат. Оваа флексибилност особено е соодветна за паричните фондови, кои се наменети за пократкорочно управување со средства. Кај акциските фондови средствата исто така се ликвидни и достапни да се повлечат без надоместоци, но поради природата на економијата и бизнисите, тие најчесто се препорачуваат за подолгорочно инвестирање, односно за средства кои нема да бидат потребни во краток рок. Ова ги прави фондовите исклучително соодветна инвестиција за луѓе кои располагаат со ограничен буџет.
Мудрите луѓе инвестираат проактивно и не избрзуваат кога се во прашање „новите трендови“. Тие се потпираат на проверени факти, на сигурни извори и не се двоумат дали да побараат експертска помош и партнер од доверба кога се работи за инвестиција. А експертите на ВФП Фонд Менаџмент се тука да им помогнат нивниот план да го претворат во реалноста, а инвестицијата во заработка.



