ПочетнаЕКОНОМИЈАЦените на нафтата растат, берзите паѓаат, додека конфликтот на Блискиот Исток се...

Цените на нафтата растат, берзите паѓаат, додека конфликтот на Блискиот Исток се проширува

Цените на нафтата повторно пораснаа, а акциите паднаа во понеделник, бидејќи кризата на Блискиот Исток се продлабочува со влегувањето на Хутите во војната, додека инвеститорите стравуваат дека САД би можеле да испратат копнени трупи.

Како што конфликтот влезе во својата петта недела, се зголемија стравувањата од негово ширење откако јеменските бунтовници Хути во саботата изјавија дека испукале „крстосувачки ракети и беспилотни летала“ кон стратешки цели во Израел.

Нападите предизвикаа загриженост дека војната би можела да се прошири кон Црвеното Море, при што Саудиска Арабија пренасочи голем дел од својот извоз на нафта таму за да го избегне Ормускиот теснец, низ кој течат 20 проценти од светската нафта и гас, а кој е практично затворен.

Веста ја крена цената на нафтата на највисоко ниво од почетокот на месецот, откако САД и Израел ја започнаа својата кампања против Иран. И двата главни договори за нафта пораснаа за повеќе од три проценти во еден момент, при што Брент достигна речиси 117 долари за барел, објави Ројтерс.

Дополнителна загриженост предизвикаа изјавите на Доналд Трамп за Фајненшл тајмс (FT), во кои тој рече дека сака да „ја преземе нафтата во Иран“ и дека „многу лесно“ може да ја преземе контролата врз островот Харг.

Островот Харг, покрај западниот брег на Иран, е клучен нафтен терминал за земјата и Пентагон го разгледува за копнени операции, иако САД нагласија дека нема да оди толку далеку до целосна инвазија.

-Можеби ќе го земеме островот Харг, можеби не. Имаме многу опции. Тоа би значело и дека ќе мора да останеме таму некое време – изјави тој за FT.

Додека Пакистан во неделата изјави дека е подготвен да посредува и да биде домаќин на „значајни разговори“ меѓу Вашингтон и Техеран за завршување на војната, претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, рече дека САД „тајно планираат копнен напад“.

Порастот на цените на нафтата и можноста за продолжен конфликт дополнително ги оптоварија берзите, со стравувања дека растечката инфлација би можела негативно да влијае на светската економија.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП