На бензинските пумпи на MOL и Shell во Словенија е воведено ограничување за купување гориво од 30 литри за автомобили и 200 литри за камиони.
Ова го објави N1 Словенија, наведувајќи дека компанијата Petrol не вовела никакви мерки.
„Драги пријатели, со цел да се обезбеди избалансирано снабдување со гориво на пазарот, ве информираме дека точењето гориво е ограничено на 30 литри по клиент“, се наведува во известувањето.
Компанијата MOL наведува дека итната мерка за ограничување на обемот на испораките на гориво треба да обезбеди еднаков третман за сите клиенти, да спречи недостиг и со тоа да обезбеди сигурна безбедност на снабдувањето.
Тие наведуваат дека од почетокот на март се соочуваат со логистички проблеми, бидејќи не биле во можност да ги снабдуваат бензинските пумпи од магацинот со брзината со која клиентите точеле гориво, па на некои места имало периодичен недостиг на одредени видови гориво.
Ограничувањата се поставени за да се овозможи нормално работење на компанијата и не бараат никакви посебни прилагодувања на навиките на клиентите, бидејќи ограниченото количество претставува просечна набавка, додава MOL.
Компанијата „Shell“ исто така одлучи привремено да ја ограничи испораката на гориво, па на нивните бензински пумпи беше воведено ограничување до 100 литри.
„Шел Адрија“ изјави дека оваа мерка се однесува на нивните малопродажни бензински пумпи, односно на оние што се првенствено наменети за патнички возила, но не и на пумпи наменети за камиони.
Kомпанијата Petrol засега не планира никакви ограничувања, истакнувајќи дека снабдувањето со гориво на словенечкиот пазар останува стабилно, изворите на снабдување се загарантирани и нема системски прекини во снабдувањето со гориво на магацините.



