Во време кога организациите сè повеќе се соочуваат со комплексност, брзи промени и потреба од подлабок развој на луѓето, коучингот станува клучна алатка за современо лидерство. Токму на оваа тема разговараме со Марина Анчевска – системски мастер коуч и НЛП мастер тренер, основач на Центар за бизнис психологија, Системски НЛП, ЈИЕ Системска коучинг академија, ЈИЕ Меѓународна коучинг конференција, која повеќе од две децении работи на трансформација на лидери, тимови и организации.
Во пресрет на „The Heartbeat of Coaching“, втората интернационална коучинг конференција што ќе се одржи на 21 мај во Скопје, Анчевска зборува за тоа што навистина им недостига на лидерите денес, како изгледа вистински коучинг процес и зошто развојот не е случајност, туку свесен избор.
Пулсот, како симбол на животна енергија, нè потсетува дека понекогаш е потребно да излеземе од зоната на комфор за повторно да се поврземе со себе, со другите и со она што навистина нè движи напред – а токму тоа е суштината на коучингот.
Денар: Што според вас денес најмногу им недостига на лидерите и организациите кога станува збор за развој на луѓе и тимови?
Лидерите во денешно време сè повеќе инвестираат во својот личен развој, бидејќи за да се биде лидер важно е пред се да можеш да се водиш себе си.
Сеуште многу повеќе внимание се посветува на стекнување на вештини за водење на луѓе во работните процеси. Но, за да можат лидерите умешно да ги водат луѓето низ лични и професионални процеси, потребни им се коучинг алатки.
Низ процесот на стекнување на коучинг вештини, лидерите поминуваат низ личен развој и преку работа на себе осознаваат и учат како да ги водат процесите кои се случуваат кај луѓето. Самиот лидер е својот прв коучинг клиент.
Денар: Конференцијата го носи името “The Heartbeat of Coaching”. Што значи „Пулсот на коучингот“ во вашата лична и професионална работа?
Моите основни потреби кои ме воделе низ животот покрај сигурноста и конекцијата со луѓето, најважни ми биле развојот и смислата. И тоа е сеуште така, со тоа што сигурноста е веќе на последно место, бидејќи сигурноста ми доаѓа од внатре. Искуството ме научи дека во секоја ситуација можам да им верувам на својот ум и на моето срце. Внатрешната состојба е таа што ми дава сигурност, колку и да е надворешната непредвидлива.
Од таму и насловот пулсот на срцето т.е пулсот на коучингот!
Секогаш се следам себе си и знам во која ситуација да си ги поставам и вистинските прашања на себе за да го направам тоа што чувствувам дека е најдобро.
Исто така и кога работам со групи или поединци, целта ми е клиентите да го пронајдат одговорот во себе, да се слушнат и почувствуваат себе си, да научат како да се поврзат пред се со себе, а да бидат отворени кон другите.
Преку коучингот учиме да препознаваме дали нашите реакции се лични или корисни!

Денар: Во последните години сè повеќе компании инвестираат во коучинг. Дали мислите дека организациите навистина го разбираат неговиот потенцијал?
Пред повеќе од 18 години кога се вратив од Холандија и започнав да работам како коуч и НЛП тренер во Македонија, овие две професии беа скоро непознати. Но, тоа за мене не беше пречка да продолжам да ги промовирам и да работам со оние компании и поединци кои беа отворени за промени и за развој. Сега, можам со сигурност да кажам дека свесноста за коучингот е на многу повисоко ниво, иако сеуште целосно не е искористен неговиот потенцијал.
Во последните години оваа професија стана тренд, а и називот коучинг се користи многу почесто, иако за жал со несоодветна едукација.
Денар: Која е најголемата трансформација што сте ја виделе кај лидер или тим благодарение на коучинг процесот?
Како професионален коуч работам повеќе од 22 години. Низ годините, мојата едукација никогаш не застана и сеуште трае. Коучингот како професија е развоен процес.
Тоа значи дека со искуството и едукациите низ кои поминував, истовремено ги менуваа процесите со кои работев порано, а со кои работам денес. Проблематиката со која работам денес е многу покомплексна и можам да се носам со истата.
Секој клиент е уникатен, секој тим или компанија со која работам е уникатна.
Сведок сум на многу прекрасни трансформации. Ова се еден мал дел клиенти лидери кои би ги издвоила и кои направиле значајни промени, не само во нивниот живот туку и во опкружувањето во кое работеле и живееле.
Ова се примери за лидери од машки и женски пол. На пример, лидер кој успешно се справи со burn out, лидер кој напушти висока позиција со многу бенефиции и основа свој бизнис, лидер кој направи трансформација во тимот и структурата на компанијата и со тоа го издигна бизнисот на многу повиско ниво, лидер кој успешно го наследи семејниот бизнис и успеа да ги надмине генерациските разлики во водење на бизнисот, лидер кој умешно го направи балансот помеѓу работата и семејството и со тоа успеа да го зачува своето семејство, лидер кој беше добар за сите, а најмалку за себе, научи како да се почитува себе си, а да го задржи својот авторитет и влијание, лидер кој научи како умешно да се носи со улогата на работа, улогата во своето примарно семејство и со улога како родител и партнер, лидер кој покрај улогата на работа, успеа да се посвети и на себе и на своето физичко здравје итн…
Во компаниите тимскиот коучинг е непредвидлив процес, но не од негативен аспект.
Како се развива тимот и колку се луѓето спремни да излезат од зоната на конфорот, а сепак да се чувствуваат безбедно и да се се поврзат едни со други, но и со компаниската цел зависи од нивото на свесност дека сите се дел од ист систем.
Имам водено прекрасни процеси на тимови кои надминаа за нив нерешливи конфликти, остварија невозможни цели, направија одлична реорганизација, пораснаа, стекнаа лојални клиенти и уште многу други успешни приказни.
Мојата улога како коуч е да го водам тој процес, да им овозможам на сите поединци да бидат слушнати, видени и препознаени и од таа позиција да се чувствуваат како дел од нешто поголемо.
Денар: На што е фокусирана вашата работилница на конференцијата? Кои практични алатки или увиди ќе можат учесниците веднаш да ги применат во својата работа?
На коучинг конференцијата, јас мојата работилница им ја остапив на другите коучи и тренери. Јас сум тука и достапна за сите, затоа сакав учесниците да имаат можност да го искусат коучингот и да научат алатки и техники од другите колеги кои за прв пат доаѓаат во Македонија.
Денар: Како коучингот може да им помогне на лидерите да се справат со комплексноста и брзите промени во денешниот бизнис свет?
На многу начини. Пред се коучингот е насочен кон оптимизирање на резултати, поставување на јасни очекувања во врска со посакуваните резултати и дефинирање на чекори за постигнување на резултатите.
Но, покрај тоа, коучингот исто така е насочен кон иднината, со свесност за сегашноста т.е. за реалноста во која се наоѓа поединецот, тимот или организацијата.
Коучингот не дава инстант решение, туку поттинкува процес.
Реалноста, вистината не можете да ја промените. Тоа што можете да го промените е вашето однесување спрема реалноста и што правите во врска со неа. Животот секогаш бил комплексен и непредвидлив.
Промените се дел од секојдневието, но развојот е избор!
Дали ќе се борите со брзината на живеењето и промените или свесно ќе ги прифатите барајќи начин како одвреме навреме да најдете мирно место за одмор, зависи од тоа колку сте прилагодливи и флексибилни.
Денар: Многу менаџери мислат дека коучингот е само разговор. Што всушност се случува во еден вистински коучинг процес?
Коучингот е активен процес. Преку практични вежби и моќни коучинг прашања важно е да се детектира:
- Што се случило? Каква е ситуацијата, каква е реалноста?
- Што е веќе направено? Каква акција е превземена?
- Во што е заглавен клиентот? Содржина, време, емоција или/и тело?
- Кои се можностите и какви се?
- Што е подготвен клиентот да направи?
Бидејќи моја специјалност е Системки коучинг, јас индивидуата ја гледам како дел од еден поголем систем од секаков вид: партнерство, семејство, тим, организација, општество.
Овој системски пристап ги идентификува процесите на комуникација и однесување во системот, базирани на верувањата и убедувањата на групата т.е. системот.
Работејќи само на личноста може да се отстрани симптомот, но заплетот кој припаѓа на ниво на систем, едноставно повторно да се појави и ќе биде изразен во друг контекст.
Во позадината на однесувањето, дејствувањето, мотивацијата, одлучувањето, како и сите други секојдневни лични и професионални процеси, се преплетуваат сите динамики на семејните системи од каде доаѓаме.
Затоа секој коучинг процес најпрво го започнувам со семејна или бизнис констелација, која дава прекрасен увид за сите несвесни обрасци и улоги кои ја откриваат позицијата на индивидуата во системот и што прави истата за да го одржува системот во баланс?
Денар: Која е најчестата грешка што лидерите ја прават кога се обидуваат да развиваат луѓе во своите тимови?
Тргнуваат од своите верувања и убедувања и ги водат на начин на кој тие мислат дека е најдобро за нив.
Денар: Што би им порачале на лидерите, HR професионалците и менаџерите во Македонија кои размислуваат да го интегрираат коучингот во своите организации?
Би ги охрабрила веднаш да го направат тоа, бидејќи структурираниот коучинг пристап овозможува брз и едноставен начин на водење на комплесни работни процеси и водење на луѓе низ процес на промена.
Денар: Што би им порачале на луѓето кои сè уште се двоумат дали да присуствуваат на The Heartbeat of Coaching на 21 мај во Скопје?
Пулсот е основниот показател за животна енергија. Некогаш е потребно да излеземе од зоната на конфорот за да можеме повторно да ја почувствуваме таа животна енергија. Целта на оваа втора коучинг конференција е токму тоа: искуствено, преку практични работилници да го почувствувате пулсот на животот, да ве инспирираме и мотивираме, да научите многу нови алатки и вештини како да ја подигнете вашата вибрација и вибрацијата во вашиот тим, за да можете да ја остварите посакуваната трансформација.
Нашите врвни коучи ќе ви покажат како да го направите тоа: https://coachingconference.mk/
С.Б.



