19 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИБелгиските тур-оператори најзаинтересирани за Македонија на саемот за туризам во Брисел

Белгиските тур-оператори најзаинтересирани за Македонија на саемот за туризам во Брисел

20130203-121705.jpg

Во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Република Македонија е преставена на саемот за туризам во Брисел, Белгија, каде за земјава како туристичка дестинација интерес покажаа многу белгиски тур-оператори.

– Може да констатирам дека ова саемско промовирање на Македонија е многу успешно, имајќи предвид дека имаме поединечни средби со повеќе тур-оператори од Белгија кои имаат голем интерес да започнат да работат со Македонија. Освен ЈетАир уште два големи тур-оператори ќе започнат да носат туристи во Македонија. Едната компанија е од Фламанскиот, а другата од Валонскиот дел на Белгија. Исто така најголемата ТВ станица во Белгија оваа година ќе дојде во Македонија да снима документарен филм за природните убавини, културата, традицијата на земјата. Убеден сум дека со промоцијата што се прави во Белгија, како и упорната работа на Агенцијата за промоција и подршка на туризмот и Амбасадата на Македонија во Брисел, бројот на туристи од Белгија ќе има значителен раст наредниве години, истакна економскиот промотор на Македонија во Белгија Кренар Бектеши.

Како што соопшти АППТ, директорот на Агенцијата Јордан Трајков смета дека фокусираната промотивна стратегија што земјава ја спроведува на целните пазари – вклучително и на белгискиот ќе даде резултати.

– Ќе мора да поработиме и на поддршката на туризмот за да ја подобриме и зголемиме понудата на туристички производи. Во таа насока имаме неколку одлични проекти како: обележување и мапирање на планинарски патеки и планински велосипедски патеки, креирање на електронски пазар за издавање на викендици и станови во туристичките места и отварање на авто кампови низ цела Македонија. Сите овие проекти ќе имаат огромно позитивно влијание на нашата туристичка понуда за наредните години. Ги повикувам сите граѓани на Македонија кои можеби препознаваат интерес во погоре спомнатите проекти да не контактираат, рече Трајков.

Македонскиот амбасадор во Белгија Лазар Еленовски е уверен дека претставувањето на Македонија како туристичка дестинација на саемот во Брисел е добар начин да се унапреди туризмот во земјата.

– Апсолутно исправна и сериозна активност е градењето стратегија за туризам, преку изложбениот простор и модерните промотивни материјали, со цел да се истакнат природните, културните, традиционалните, историските вредности на нашата земја. Потребна е константна, перманентна промоција за да го доближиме туристичкиот потенцијал на Македонија кај белгиските туристи, вели Еленовски.

Ова е шести саем за туризам на кој годинава Македонија е претставена со помош на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП