Со брзиот развој на технологијата и дигиталиацијата, македонецот лесно може да дојде до кредит за само триесетина минути, без комплицирани процедури. Доволно е неколку клика и парите се веќе на сметка. Брзо, едноставно, без многу размислување.
А токму тука почнува приказната која за многумина завршува со долги години отплата.
Банките и финансиските друштва одамна научија дека брзината продава. Колку помалку време има човек да размислува, толку е поголема шансата да каже „да“. Формуларите се кратки, одговорот стигнува веднаш, а рекламите постојано потсетуваат дека парите се достапни „кога ти требаат“.
Проблемот се појавува подоцна. Не веднаш. Неколку недели подоцна, кога ќе стигне првата рата.
Многу граѓани признаваат дека кредитите ги земаат импулсивно. Телефон, одмор, нов мебел, понекогаш и за покривање стар долг. Сè изгледа разумно во моментот. Но кога месечниот буџет ќе почне да се стега, сметката станува појасна.
Финансиски познавачи предупредуваат дека најопасни се токму малите, брзи кредити. Тие изгледаат безопасно затоа што сумите не се големи. Но каматите, провизиите и дополнителните трошоци знаат да ја зголемат конечната цена многу повеќе од очекуваното.
Особено кога кредитот се зема без јасна пресметка.
Една честа ситуација изгледа вака. Човек зема неколку илјади евра, убеден дека ратата е поднослива. Неколку месеци сè оди добро. Потоа доаѓаат непланирани трошоци, автомобилот се расипува, на детето му требаат книги за на училиште, цените во продавниците повторно растат. Ратата која вчера изгледала мала одеднаш станува тежок товар.
Тогаш се појавува нова понуда. Рефинансирање. Нов кредит за да се затвори стариот.
И кругот почнува повторно.
Економски аналитичари велат дека ваквите ситуации најчесто не се резултат на неодговорност, туку на комбинација од притисок и лесна достапност на пари. Кога рекламите постојано ветуваат брзо решение, а платите остануваат ограничени, многумина го гледаат кредитот како најлесен излез.
Но лесниот излез ретко останува лесен.
Се случува луѓето да отплаќаат кредит подолго отколку што траела причината поради која го земале. Телефонот веќе одамна е заменет, одморот е заборавен, мебелот е излитен. А ратите уште стигнуваат.
Затоа финансиските советници често повторуваат едно едноставно правило: кредит не се зема на брзина. Барем не без неколку часа мирно размислување и пресметка.
Бидејќи парите може да стигнат за 15 минути. Каењето, обично, трае многу подолго.
Б.З.М.



