ПочетнаЕКОНОМИЈАГлобалните перачи на пари се свртуваат кон криптовалутите

Глобалните перачи на пари се свртуваат кон криптовалутите

Вкупно 350 милијарди долари се испрани од криминалци и непријателски држави преку криптовалути, според извештајот на тинк-тенкот „Henry Jackson Society“, доставен до „Politico online“.

Во документот се наведува дека глобалното перење пари драматично се префрлило кон криптовалутите во последните години. САД, Русија и Обединетото Кралство имаат најголем број потврдени случаи, според цитираните податоци.

Извештајот се базира на база на податоци од 164 јавно идентификувани и документирани случаи на перење пари помеѓу 2005-та и 2025-та година. Го составил Александар Браудер, син на американско-британскиот финансиер Бил Браудер. Бил Браудер е роден во САД, со руски корени, со богато искуство во инвестирање во Русија по распадот на СССР. Тој беше најголемиот странски портфолио инвеститор во Русија. Тој лобираше за Законот Магнитски, именуван по неговиот адвокат во Русија, Сегреј Магнитски.

Александар Браудер верува дека вистинските бројки се веројатно многу пати повисоки од стотиците милијарди што се идентификувани.

Студијата, исто така, фрла светлина врз слабото спроведување на законите за перење пари за криптовалути. Таа откри дека 79% од случаите не резултирале со пресуди, додека само 29% од средствата биле вратени од властите.

Истражувачите со седиште во Велика Британија ја повикуваат британската влада да воспостави нова услуга за враќање на средства од криптовалути. Таа треба да ги чува вратените средства за да ги врати на нивните вистински сопственици.

„Софистицираноста и брзината на перењето пари од криптовалути се далеку поголеми и побрзи од способноста на нашата влада да одговори. Како резултат на тоа, нашите санкции и агенции за спроведување се сè послаби за да ги спречат. Овој извештај ја истакнува потребата од силен политички одговор на овој итен проблем“, изјави Крис Коглан, член на Комитетот за финансии на Долниот дом.

Политичко прашање

Криптовалутата сè повеќе станува регулаторно бојно поле. Во САД, претседателот Доналд Трамп е критикуван поради неговите врски со индустријата. Во април минатата година, САД го распуштија одделот на Министерството за правда задолжен за истрага на измами со криптовалути.

Во Велика Британија, десничарската „Reform UK“ на Најџел Фараж стана првата голема британска политичка партија што прифаќа крипто донации.

Британската влада размислува за забрана за политички донации преку криптовалути. Сепак, берзите за криптовалути нема да бидат регулирани од страна на Управата за финансиско однесување на земјата до 2027-ма година.

Загриженоста на Велика Британија е поттикната и од неодамнешното прифаќање на криптовалутите од страна на Русија како алтернативно средство за финансирање на нејзината воена економија по инвазијата на Украина. Браудер вели дека Русија сега успешно ги избегнува санкциите со криптовалути и станува глобален епицентар за нелегална употреба на технологијата.

„Половина од нелегалните берзи идентификувани во базата на податоци се со седиште во Русија. Четири од петте главни групи за ‘ransomware’ во базата на податоци се со седиште во Русија“, истакнува тој.

„Земјата е дом на крипто пазари на ‘darknet’ како што е ‘Hydra’ – еден од најголемите во светот, кој обработил над 5 милијарди долари нелегални средства преку продажба на дрога и други нелегални услуги“, предупредува тој.

Браудер додава дека британските, американските и европските политичари досега не успеале да го решат проблемот.

„Криминалците и одметнатите режими во суштина ги заобиколуваат обвинителите на Велика Британија, САД и ЕУ. Криминалците се извлекуваат, а жртвите остануваат без соодветна отштета“, вели Александар Браудер.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП