Катар денес го стопираше целото производство на течен природен гас (LNG) по иранските напади со беспилотни летала врз клучните објекти во Рас Лафан и Месаид, кои отстранија околу 20 проценти од светските залихи на „LNG“ од пазарот, а пазарите реагираа на оваа вест со ново зголемување на цените на гасот.
Државната компанија „QatarEnergy“ објави дека поради воени напади врз објекти во индустриските зони, го суспендирала производството на LNG и сродни производи, и сè уште не е познато кога ќе биде обновено.
Според Министерството за одбрана на Катар, иранските беспилотни летала го таргетирале објектот во Рас Лафан, кој е ‘рбетот на производството на LNG, како и енергетскиот резервоар во Месаид, а проценките за штетите сè уште не се објавени, објавува порталот „Оилпрајс“.
Катар е еден од најголемите извозници на LNG во светот, со околу 14 производни линии што досега сочинуваат приближно една петтина од глобалниот извозен капацитет.
Запирањето на производството значително го ограничува глобалното снабдување со гас, особено во Европа и Азија, предупредуваат експертите.
Европските цени на гасот на берзата TTF во Амстердам денес нагло пораснаа, за вкупно 38 проценти на повеќе од 44 евра за мегават-час.



