26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСАД го одобрија преземањето на „Нокиа“ од страна на „Мајкрософт“

САД го одобрија преземањето на „Нокиа“ од страна на „Мајкрософт“

Microsoft-Acquires-Nokia

Министерството за правда на САД го одобри купувањето на дел од финската компанија „Нокиа“ од страна на американскиот информатички гигант „Мајкрософт“ за сума од седум милијарди долари, со што е надмината главната пречка за реализаиција на оваа трансакција, јави ДПА.

Договорот ќе може да се реализира, откако зелено светло ќе дадат и регулаторите од ЕУ.

„Мајкрософт“ во септември соопшти дека го купува одделот на „Нокиа“ за производство на мобилни телефони и неговото портфолио од патенти и услуги во обид да упати посериозен предизвик кон „Епл“ и „Гугл“, бидејќи технолошките операции се повеќе се вршат преку мобилни апарати, а не преку персоналните компјутери.

Зделката вредна 5,44 милијарди евра или 7,2 милијарди долари е огромен чекор во напорите на „Мајкрософт“ да се претвори од производител на софтвер фокусиран врз создавањето оперативни системи и апликации за компјутери, во поразновидна компанија, која дава услуги за секакви апарати поврзани со Интернетот.

„Нокиа“ и „Мајкрософт“ се обидуваат да се пробијат на пазарот на смартфони преку партнерството, договорено во 2011 година. Според оваа спогодба, смартфоните „Лумиа“ на „Нокиа“ работат со софтверот на „Мајкрософт Виндоуз“, но апаратите не успеаја да станат популарна алтернатива на ајФоните на „Епл“ или на текефоните кои работат со „Андроид“ на „Гугл“, на чело со смартфоните и таблетите на „Самсунг“.

„Мајкрософт“ е со став дека ќе има подобри шанси доколку добие целосна контрола врз тоа како мобилните апарати работат со неговиот софтвер.

Над 30.000 вработени во „Нокиа“ ќе преминат во „Мајкрософт“. Централата на „Нокиа“ ќе остане во Финска, а 32.000 лица ќе преминат на работа во „Мајкрософт“, вклучувајќи и 4.700 од Финска.

Извршниот директор на „Нокиа“, Стивен Елоп, ќе замине од својата позиција, за да се избегне конфликт на интереси.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП