ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ воведува царина од 3 евра по категорија на производи во мали...

ЕУ воведува царина од 3 евра по категорија на производи во мали пакети до 150 евра

Советот на Европската Унија официјално усвои нови царински правила за мали пратки што влегуваат на територијата на ЕУ, кои најчесто се нарачуваат преку онлајн купување. Новите прописи го укинуваат претходното ослободување од царински давачки за пакети во вредност до 150 евра, со цел да се потисне нелојалната конкуренција со која се соочуваат продавачите во рамките на Унијата, објави Советот на ЕУ.

„Глобалната е-трговија доживува силен раст и царинските прописи на ЕУ мора да бидат во чекор со овие промени. Укинувањето на застареното ослободување за мали пакети ќе го поддржи бизнисот во рамките на Унијата и ќе стави крај на несовесните продавачи. Сега мора решително да продолжиме со сеопфатна царинска реформа, што е клучно за создавање поконкурентна и побезбедна Унија“, рече Макис Керавнос, министер за финансии на Кипар.

Укинување на ослободувањата и нов систем

Одлуката го укинува ослободувањето од царински давачки за пратки чија вредност е помала од 150 евра. Редовните царински давачки ќе се применуваат за сите стоки што влегуваат во ЕУ кога ќе почне да работи новиот Царински центар за податоци на ЕУ, чие лансирање е предвидено во 2028 година.

Привремена фиксна царинска давачка од 1 јули 2026 година

Дотогаш, земјите-членки се согласија да воведат привремена фиксна давачка од 3 евра по категорија на производи во мали пакети во вредност до 150 евра испратени директно до потрошувачите во ЕУ. Оваа мерка ќе стапи на сила на 1 јули 2026 година.

Царината ќе се наплаќа за секоја поединечна категорија на производи во пакетот, а категориите се одредуваат според подброевите на царинската тарифа.

На пример, ако пакетот содржи една свилена и две волнени блузи, тоа се две различни тарифни категории, па вкупната давачка би била 6 евра.

Советот на ЕУ наведува дека новиот систем ќе има позитивен ефект и врз буџетот на Унијата и врз националните јавни финансии. Царинските давачки претставуваат традиционални сопствени приходи на ЕУ, додека земјите-членки задржуваат дел од средствата како надомест за трошоците за наплата.

Исто така, се забележува дека оваа мерка е различна од предложената „такса за ракување“, која сè уште се дискутира како дел од пошироката царинска реформа.

Следни чекори

Привремената давачка од 3 евра ќе се применува од 1 јули 2026 година до 1 јули 2028 година, со можност за продолжување. Кога Царинскиот центар за податоци на ЕУ ќе стане оперативен, привремениот систем ќе биде заменет со редовни царински тарифи.

Контекст на реформата

Според податоците од Европската комисија, бројот на мали пакети што пристигнуваат во ЕУ ќе се дуплира секоја година од 2022 година. Во 2024 година, на пазарот на ЕУ пристигнале 4,6 милијарди вакви пратки, од кои дури 91 процент доаѓаат од Кина.

Европската унија спроведува сеопфатна реформа на царинскиот систем за да одговори на растот на трговските текови, фрагментираните национални системи, брзиот развој на е-трговијата и променливите геополитички околности. Преговорите меѓу Советот на ЕУ и Европскиот парламент за оваа реформа, која вклучува воспоставување на Царински центар за податоци под надзор на новата царинска администрација на ЕУ, сè уште се во тек.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП