Мексиканските безбедносни сили го убија најбараниот нарко-бос во земјата, Немесио „Ел Менчо“ Осегер Сервантес, во сложена операција што предизвика бран насилство низ цел Мексико.
Осегера беше водач и коосновач на картелот „Нова генерација Халиско“ (CJNG), една од најмоќните криминални организации во Латинска Америка и клучен шверцер на метамфетамин и фентанил во Соединетите Американски Држави.
Операцијата беше спроведена во време на зголемен притисок од Вашингтон врз Мексико за порешително сузбивање на трговијата со дрога, но и само неколку месеци пред почетокот на Светското првенство во 2026 година, чии натпревари ќе се играат во Гвадалахара, град кој беше зафатен од бран насилство по акцијата.
Како беше извршена операцијата?
По повеќегодишна потрага, на 20 февруари, мексиканските власти добија сигурни информации за скривалиштето на Осегера. Клучот за операцијата бил човек на кого му верувал, една од неговите љубовници, преку кого истражителите дошле до локацијата на комплексот од дрвени колиби во близина на Тапалпа, пишува CNN.
Еден ден подоцна, специјалните сили на армијата и Националната гарда го опколија комплексот. Акцијата била спроведена главно од копнени сили, со ограничена поддршка од хеликоптери, со цел да се избегне вниманието на јавноста. Претседателката Клаудија Шајнбаум потврди дека САД споделиле разузнавачки информации, но не учествувале во операцијата на терен.
За време на упадот, дошло до жестока размена на оган. Осум членови на картелот биле убиени, а двајца војници биле ранети. Осегуера се обидел да избега во блиската шума со двајца телохранители, но специјалните сили ги стигнале по уште една пукотница.
Водачот на картелот и неговата придружба биле тешко ранети и биле префрлени со хеликоптер во болница во Гвадалахара. Сепак, сите тројца починале во текот на летот. Поради страв од одмазда, авионот бил пренасочен кон Морелија, а потоа кон Мексико Сити.
Бран од одмазда и хаос во земјата
Веста за смртта на „Ел Менчо“ предизвика бурни реакции од картелот. Во неколку градови беа подигнати запалени барикади, избувнаа вооружени судири со армијата, а летовите до погодените области беа суспендирани. Соединетите Американски Држави ги повикаа своите граѓани да останат во затворен простор.
25 припадници на воената полиција на Националната гарда загинаа во бранот насилство.
Претседателката Шајнбаум ги повика граѓаните да останат смирени и рече дека државата има контрола врз ситуацијата и дека безбедноста постепено се стабилизира.
Зошто сега?
Акцијата беше спроведена во политички чувствителен момент. Американскиот претседател Доналд Трамп претходно се закани со построги мерки, вклучително и прекугранични интервенции, доколку Мексико не ги потисне нарко-картелите.
Од друга страна, претстојното Светско првенство е од големо економско значење за државата Халиско, поради што одлуката за елиминирање на еден од најмоќните нарко-босови претставуваше сериозен безбедносен ризик.
Сепак, моментот беше оценет како поволен. Осегуера беше етикетиран како глобален терорист, а САД понудија награда од 15 милиони долари за „неговата глава“.
Аналитичарите проценуваат дека картелот веројатно нема брзо да се распадне, бидејќи дел од раководството сè уште функционира преку децентрализирана структура. Сепак, можни се нови конфликти, како во рамките на организацијата, така и со сопернички групи кои би можеле да се обидат да преземат територии.
Без оглед на последиците, мексиканските власти веруваат дека ликвидацијата на „Ел Менчо“ ќе биде силна порака, како до домашната јавност, така и до Вашингтон.



