ПочетнаЕКОНОМИЈАИнфлуенсерите не го прифаќаат правилникот на АВМУ, поднесоа предлог нивни правила за...

Инфлуенсерите не го прифаќаат правилникот на АВМУ, поднесоа предлог нивни правила за дејноста

Инфуенсерите го дигнаа гласот против Правилникот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Според Здружението на инфлуенсери, новите правила кои ги воведува регулаторот во овој бизнис се надвор од законските рамки и не се усогласени со реалноста на дигиталниот простор. Според ставот на инфлуенсерите, предложените акти не нудат системско решение за транспарентноста и одговорноста во интернет комуникацијата, туку отвораат простор за правна несигурност, различни толкувања и дополнителен хаос во онлајн сферата.

Главната реакција на инфуенсерите за правилникот на АВМУ е дека наместо да се придонесе кон уредување на областа, надлежни ќе создаваат ризик од селективна примена и ограничување на креативната слобода, без јасна законска основа и без претходна широка консултација со засегнатите страни. Сега, Здружението на инфуенсери нагласува дека тие не бегаат од одговорност, тврдат дека редовно плаќаат данок во Македонија, наспроти сите невистини кои се ширеа во медиумите во изминатиот период.

Дополнително велат дека ја поддржуваат потребата од транспарентност, јасно означување на комерцијалните содржини и почитување на етичките стандарди. Сепак, тие сметаат дека ваквите прашања мора да се уредуваат преку инклузивен процес и решенија што ќе бидат во согласност со законите и европските практики, а не преку акти што излегуваат надвор од утврдените надлежности.

„Согласно изработената европска анализа за тоа како оваа проблематика е решена во земјите членки на Европската Унија, Здружението достави предлог до министерот за дигитална трансформација, со кое се предлага донесување Кодекс кој ќе се темели на принципите на саморегулација и ко-регулација. Во најголем дел од државите членки, прашањето на инфлуенсер маркетингот се регулира преку јасни насоки за означување на спонзорирана содржина, едукација и соработка меѓу индустријата и институциите, а не преку рестриктивни и еднострано наметнати подзаконски акти“, велат од здружението на инфлуенсери.

Во правилникот на АВМУ стои дека едно физичко лице за да се смета за давател на аудиовизуелни медиумски услуги по барање на инфуенсер, влогер или креатор треба да исполни неколку критериуми. Во правилникот стои дека тие не треба да нудат содржина која може да им наштети на малолетниците, да внимаваат да не ја заведуваат јавноста, потоа нивните активности не треба да им биде против интересите на граѓаните.

Но, правилникот нема само вакви општи правила, содржи и финансиски дел. Освен што треба да се регистрираат во АВМУ, инфлуенсерите ќе ѝ плаќаат надомест за надзор во висина од 0,5% од вкупниот годишен приход што го оствариле во претходната календарска година. Математички тоа значи 100 евра доколку имале 20.000 евра приход во годината.

„Да се биде креатор/ка на содржина не е само фотографирање, снимање и објавување содржина која некому ќе му донесе информација, забава или едукација, туку претставува и позиција на моќ да се изврши влијание и затоа е неопходно разбирање и почитување на одговорноста што таа моќ ја носи“, стои во правилникот.

Што се однсеува до предложениот Кодекс на инфлуенсерите, тој има за цел да воспостави јасни, применливи и пропорционални правила што ќе обезбедат заштита на јавниот интерес, особено на потрошувачите и малолетниците, а истовремено ќе ја почитуваат слободата на изразување и спецификите на дигиталната економија. Овој пристап, според Здружението, претставува единствен одржлив и европски усогласен модел за уредување на интернет просторот. Здружението на инфлуенсери и креатори на содржини ги повикува институциите да го повлечат спорниот Правилник и Водич и да отпочнат отворен и транспарентен дијалог со сите релевантни чинители, со цел изнаоѓање решение кое ќе донесе правна сигурност, јасни правила и стабилна рамка за развој на дигиталната комуникација во Македонија.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП