20 април, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со Коча Бошку - Претседател на „Seavus” групација

Интервју со Коча Бошку – Претседател на „Seavus” групација

kocha

1. Кажете ни накратко за почетоците на „Seavus” …

Seavus започнa со работа во 1999 година на две локации, Шведска и Македонија. Во тој период, единствена услуга што компанијата ја нудеше беше изработка на веб решенија во Mакедонија, а за Шведски клиенти. Уште тогаш стана јасно дека за младите и талентирани програмери од Македонија има мегдан за докажување и тоа токму на најконкурентните светски пазари.

Балканско-Скандинавската комплементарност и ден денес има силно влијание врз постојаниот раст на компанијата, а северните пазари се сеуште традиционално успешни за нас. Денес броиме 550 вработени лоцирани во канцеларии и преставништва во 8 земји низ светот.

 

2. Би можеле ли да издвоите некои поважни зделки кои најмногу придонеле за Seavus” да стане тоа што е денес…

2002 година е многу значајна за компанијата бидејќи е потпишан договор со еден од најголемите глобални производител на мобилни платформи, а истата година е почната соработката и со телеком операторот Теле 2 кој сеуште е наш голем клиент. Оттогаш Seavus силно инвестира во телекомуникациска експертиза и денес работиме со 5 од 10-те најголеми европски телеком оператори.

Од пред 5 години наш клиент е најголемата светска информативна агенција.

Изминатите неколку години формиравме големи инженерски тимови во соработка со една од најуспешните Швајцарски компании од областа на осигурителниот бизнис.

Се на се, најголем дел од нашите клиенти се компании од листата Форчн 500, што доволно зборува како Seavus работи и котира на светскиот пазар.

 

3. На кои пазари сте активни и на кои саеми се претставува Seavus”?

Секоја година сме присутни на Mobile World Congress” во Барселона, каде што претставуваме решенија од областа на телекомуникациите. На минатиот саем ја промовиравме нашата нова платформа за Бизнис Интелигенција, која наиде на добар одзив и веќе имаме договорени зделки во Европа но и на Блискиот Исток. Редовно сме присутни и на саемите од Embedded” индустријата кои се организираат во Германија и Швајцарија.

На почеток од следната година ќе прикажеме и наши решенија во доменот на игрите (гејминг индустријата) на саемот “ICE” во Лондон, кој е веројатно најголем од тој тип во светот.

kocha

 

4. Кои се другите деловни проекти во кои сте вклучени?

Како извозно ориентирана компанија, Seavus над 95% од својот промет го остварува надвор од границите на Р. Македонија. Локално сме фокусирани пред се на едукација на идни успешни програмери, дизајнери и инженери преку Seavus едукативниот и развоен центар (SEDC).

Отворен во 2010 година, SEDC се позиционираше како алката која недостигаше помеѓу оние што завршуваа(т) средно или високо образование, немаат доволно специфични знаења од најновите технологии и т.н. меки вештини од една страна и компаниите на кои им беше потребен ИТ кадар кој за период од 3 до 6 месеци ќе стане активен учесник во работните процеси.

Портфолиото на SEDC го сочинуваат 3 Академии со 7 наставни програми и тоа: Академија за дизајн (Графички дизајн, Веб дизајн, 3D моделирање анимација и постпродукција), Академија за програмирање (Веб и Cloud технологии и Дизајн и развој на мобилни апликации) и Cisco Академија за компјутерски мрежи (Мрежен администратор и Мрежен инженер), како и кратки курсеви од областа на ИТ, Дизајн и Бизнис.

Изминативе 2 години, подолгите програми на SEDC ги посетувале над 200 учесници, а кратките програми повеќе од 600. Склучени се договори за соработки со 15-тина компании во кои овие студенти се упатуваат на пракса и стекнуваат можност за вработување со степен на успешност од над 80%.

 

5. Кои се деловните планови и проекти на Seavus” за 2014 година?

2013-та година е за нас најуспешна од постоењето и ни дава мотив да ги зголемиме инвестициите во производство на нови софтверски платформи и тоа во сегменти каде досега не сме биле сериозно присутни. Планираме влез во нови индустрии, а пред се во медицината и во банкарскиот сектор.

Имаме големи актуелни побарувања од Германски клиенти кои навестуваат потреба од отворање на канцеларија на Seavus и во Германија.

 

6. Дали Македонија има квалитетен кадар или сме дефицитарни?

На глобално ниво побарувачката на ИТ кадри е во постојан раст, а растот има тенденција на забрзување. Во Македонија сеуште се чувствува недостаток на кадри кои поседуваат доволно техничко знаење но и соодветно искуство за да се одговори на моменталните потреби на ИТ индустријата и за неа карактеристичните чести промени на трендови.

На македонската високообразована работна сила во моментов и недостига соодветна комбинација од специфични знаења и вештини, како и конкретни искуства стекнати во големи и интернационални проекти.

Во секој случај, одговорот на Вашето прашање би бил дека во Македонија дефинитивно има квалитетен кадар, но го има премалку за потребите. Тука пред се ги имам предвид приликите во софтверската индустрија.

 

7. Кое е вашето мислење за интернет маркетингот? Дали Seavus” има искуство со интернет маркетинг и како би ја оцениле неговата ефикасност?

Интернет маркетингот и пред се маркетингот преку социјалните мрежи неминовно се наметнува како најсериозна алатка за придобивање на новите генерации потрошувачи. Seavus повеќе години активно го практицира при промоција на своите производи и услуги. Пазарната динамика веќе наложува секој сериозен играч на глобалниот пазар да нема избор освен да биде експерт на темата.

 

8. Seavus” важи за Општествено Одговорна компанија која е постојано вклучена во вакви проекти…. ?

Општествената одговорност е важен дел од културата на Seavus. Традиционално работиме со деца од социјални центри. Поддржуваме проекти кои имаат хуман карактер, а се во корелација со нашата индустрија. Она на што сме многу горди е што несебично вложуваме во натпревари, едукативни настани и тренинзи кои создаваат не само нови технички подготвени кадри, туку и успешни носители и лидери на новите генерации.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП