Од месец во месец услугите во угостителството се поскапи за граѓаните. Последните податоци кои ги објави Државниот завод за статистика покажуваат сериозно зголемување на цените, како на храната која се служи така и на пијалаците кои се продаваат во рестораните и кафе баровите. Зголемената цена на кириите но и се поскапата работна рака на вработените од овој сектор, ги принудува угостителите да ги зголемуваат цените во своите локали.
Официјалните податоци велат дека на месечно ниво, односно јануари – декември цените на храната и на алкохолните пијалаци се зголемени минимално или незначително. Промена нема кај цените на безалкохолните пијалаци и на ноќевањата во сместувачките капацитети на месечно ниво.
Но тоа што загрижува барем кај љубителите на гурманскиот живот и оние кои имаат навика често да ги посетуваат кафеаните и кафе баровите, е тоа што цените на годишно ниво драстично се зголемени.
Податоците на државните статистичари покажуваат дека за речиси 8% е поскапена храната која се служи во угостителските објекти во однос на јануари ланската година. Што се однесува до алкохолните пијалаци, растот на цените е за речиси 10 отсто. Ваквите проценти можат сериозно да ја зголемат крајната цена на еден семеен ручек или некоја средба со пријателите.
„Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година, во однос на истиот месец од претходната година, сe зголемени за 3.4%. Цените на угостителските услуги 2025 година, во однос на 2024 година, се зголемени за 4.8%.“ – стои во извештајот на ДЗС.
Како и да е, македонските граѓани не така лесно се откажуваат од своите кејфови, по цена и да платат „посолено“ излегување во ресторан.
Угостителите со кои поразговара Денар, велат дека неминовно беше ваквото зголемување на цените поради неколку фактори. Кадар за работа се бара постојано, а тој што работи во моментов или поголем дел од него се искусни работници кои бараат висока плата, само за да не заминат во странство. Во голем дел од угостителските објекти, не само во Скопје туку и во поголемиот број на градови, може да се забележат луѓе од подалечни земји кои работат во македонските угостителски објекти. Тоа кажува дека во угостителството и тоа како недостасува работен кадар.
Дополнително, цените на храта и на пијалаците се поскапени и од производителите, дистрибутерите и од увозниците на овие производи, велат сопствениците на ресторани. Па заклучокот вели, не се скапи кафаните – ниски се платите!
И.П.



