Големиот број на ангажирани лица преку приватни агенции за вработување, определено време и договор на дело за вршење на дејноста на Службата за општи и заеднички работи(СОЗР), влијае на континуираното обезбедување на услуги за други институции како и на квалитетот на информациите презентирани во финансиските извештаи за државните органи кои ги користат услугите. Ова е главната констатација на Државниот завод за ревизија, која ја прочешла работата на оваа државна иституција за периодот 2024 година.
Во извештајот на ревизорите се наведува и дека се утврдени состојби кои укажуваат на слабости во проценувањето на средствата со кои располага СОЗР, потоа утврдено е дека 92% од вредноста на опремата е отпишана што укажува дека СОЗР располага со стара опрема. Дополнително, вредноста на залихите на резервни делови во магацин изнесува 11.587 илјади денари од кои 95% се застарени и неупотребливи залихи, за кои по спроведениот попис за 2023 и 2024 година иако е даден предлог за нивно расходување истите до моментот на ревизијата сеуште не се расходувани.
Наодите на државните ревизори покажуваат дека евиденцијата на земјиштето се води во книги за недвижните ствари и материјалната евиденција по локации, без истото да биде усогласено со податоците за површината со податоците од имотен лист или КП што влијае на проценување на неговата вредност. Плус сеуште се евидентира земјиштето на улица Јордан Мијалков односно оние стари бараки на СОЗР, во износ од 439.734 илјади денари кое одамна е продадено и се изградени објекти на приватен правен субјект. Во извештајот стои и дека за земјиштето во Струмица, Кичево, Куманово, Велес, Штип и Дојран СОЗР нема податоци и информации дали и за што се користи или за евентуални промени во сопственоста иако истото е со проценета вредност од 130.201 илјади денари. Ревизорите во овој дел заклучуваат дека земјиштето околу објектите не ја следи промената на корисниците согласно одлуките на Владата поради што постои ризик од не економично користење или располагање со земјиштето од трети лица.
„Опрема – 134.704 илјади денари-сегашна вредност: утврдивме дека 92% од вредноста на опремата е отпишана што укажува дека СОЗР располага со стара опрема; евидентирани се 865 пумпи за вода и 18 генератори од кои мал дел се наоѓаат во СОЗР. Опремата е набавена во 2016 година за справување со поплавите во с. Стајковци за што се потрошени 19.592 илјади денари, најголем дел се дадени на Министерството за одбрана – АРМ, дел на општините Шуто Оризари, Аеродром, Илинден, Арачиново без да биде поткрепено со соодветна документација.“ се наведува во извештајот на ДЗР.
Во однос на залихите ревизорите констатирале дека вредноста на залихите на резервни делови во магацин изнесува 11.587 илјади денари од кои 95% се застарени и неупотребливи залихи, за кои по спроведениот попис за 2023 и 2024 година иако е даден предлог за нивно расходување истите до моментот на ревизијата сеуште не се расходувани. Со пописот за 2024 година, утврден е кусок на ситен инвентар во употреба од 4.208 илјади денари за кој не се преземени мерки за утврдување на одговорност кај вработените лица, од причина што не може да се потврди дали кусокот произлегува од несоодветно управување на задолжените лица или поради утврдени недоследности на софтверската апликација за евидентирање на промените кај залихите, стои во извештајот.
При спроведувањето на јавните набавки констатирано е дека за физичко обезбедување на објектите на државната управа, по која склучен е договор во септември 2021 година е утврдено фаворизирачки елементи во делот на докажување на техничка и професионална способност.
„Понудувачот да има најмалку 3 договори од ист тип со предметната набавка склучени и реализирани во последните 3 години, од кои минимум еден договор да е со вредност од најмалку 50.000 илјади денари; За сервисирање на моторни возила со кои располага Службата склучена е Рамковна спогодба со три економски оператори, со вкупна вредност од 10.620 илјади денари со вклучен ДДВ. Кај два економски оператори, 50% од набавените услуги и резервни делови во 2024 година не се предвидени во техничката спецификација и листа на цени што упатува на несоодветно планирање на потребни делови“, велат од ДЗР.
Во однос на воспоставената пракса оваа државна служба да обезбедува службени возила од висока класа за повеќе институции по пат на лизинг, ревизорите укажуваат дека недостасуваат процедури или упатства со кои ќе се уреди планирањето на потребата од набавка на возила.
„Не се обезбедени информации од институциите дали во меѓувреме се сменила потребата за натамошно обезбедување со возило по пат на лизинг, односно дали за набавката постои реална потреба; нема пракса да се врши детална и сеопфатна анализа на економската оправданост од лизингот, односно да се земат во предвид сите трошоци во однос на сите користи кои произлегуваат од истиот или Cost-benefit анализа; постои потреба од уредување на постапката за подготовка на техничка спецификација со цел обезбедување конкуренција меѓу економските оператори од причина што во последните три постапки за јавна набавка учествува само еден понудувач. Со договорите за лизинг се обезбедуваат 45 возила за што секоја година се одлева висок износ на средства од Буџетот на државата“, стои во извештајот.
На крајот ревизорот укажува дека надлежните органи треба да воведат побрза динамика на активностите за воспоставување на регистарот на недвижниот имот на државата од причина што поради честите промени на корисниците, објектите, површината на деловниот простор и нивното времено користење со одлуките кои ги носи Владата постои неизвесност при користење и располагање со земјиштето околу и под зградите. Потоа, останува неуредно прашањето за тековно и инвестиционо одржување на објектите кога се сместени повеќе институции како и ризик од нецелосна евиденција на имотот во СОЗР со кој управува поради несоодветно воспоставена евиденција но и поради состојбата со човечки ресурси во СОЗР.
И.П



