„Citigroup“ очекува цената на среброто да достигне рекордни 150 долари за унца во рок од три месеци, продолжувајќи го историскиот раст што го забележа скокот на металот за речиси 50% во јануари, објави „Bloomberg“.
Аналитичарите на банката, вклучувајќи го и Макс Лејтон, веруваат дека силниот моментум на купување ќе продолжи во Кина и велат дека ќе бидат потребни повисоки цени за да се охрабрат постојните сопственици да продаваат.
„Среброто се смета за „злато на квадрат“ или „злато на стероиди. И сметаме дека тоа веројатно ќе продолжи сè додека среброто изгледа скапо според историските стандарди во однос на златото“, напишаа аналитичарите во белешка во вторник.
Среброто достигна нов рекорд од 117,71 долари за унца во понеделник, што е зголемување од 14 проценти, што е најголем еднодневен раст од финансиската криза во 2008-ма година. Силниот раст е поддржан од силна физичка побарувачка и шпекулативен интерес на релативно неликвиден пазар, со знаци дека купувачите во Кина се главниот двигател.

Доколку односот злато-сребро се врати на најниската вредност од 2011-та година од 32 спрема 1, тоа би значело дека среброто ќе се тргува по 170 долари за унца, соопшти „Citi“ во анализа.
Зголемувањето на цената доаѓа во услови на голем број негативни фактори, вклучувајќи одлив од фондовите за тргување со сребро поддржани од берза, продажба од страна на шпекуланти на фјучерсни пазари и намалување на залихите во американските магацини, што ги зголеми залихите на други места, соопшти „Citi“.
Но, извонредната брзина и нестабилност на растот на среброто од декември ги натера многу трговци и аналитичари да предупредуваат на ризици.
„Историјата сугерира дека овој силен раст е многу поблиску до својот крај отколку до својот почеток. Односот злато-сребро беше помал од денес неколку пати во минатото, но ретко доживеал толку голем флуктуација во толку краток временски период“, рече Марк Лауфер, трговец во „Heraeus Precious Metals“.



