Денар: Асура Груп е првата компанија во Македонија што воведува автономни роботи во хигиената. Што е клучната додадена вредност на бизнисите да ја одберат токму оваа технологија?
Нашиот фокус отсекогаш бил квалитетот. Големите објекти не можат да се одржуваат со класични методи и очекуваме исти резултати секој ден. Роботите ни овозможуваат стандардизација, нешто што е исклучително важно за деловни објекти со голема фреквенција. Тие работат по алгоритам, со контролирана брзина, прецизен притисок и минимално отстапување. Резултатот е хигиена на многу повисоко ниво, достапна секој ден — без разлика на условите, смените или обемот на работа.
Денар: Кои се придобивките кои се забележуваат откако ги воведовте роботите?
Прво — значително подобрен квалитет.
Второ — ефикасност, затоа што еден робот покрива површини што порано бараа неколку работници и повеќе часови.
И трето — целосна транспарентност. Роботите испраќаат дневни извештаи, рути, трошок на вода и батерија, евиденција на грешки.
Тоа е вистинска дигитализација во пракса – управителите конечно работат со мерливи податоци, а не со претпоставки.

Денар: Како оваа технологија влијае на работните процеси и на организираност на тимовите на терен?
Роботите ја преземаат најтешката, физички најисцрпувачката и најповторувачката работа – одржување на големи, рамни површини и подземни гаражи.
Тоа овозможува тимовите да се пренасочат кон задачи каде човечката прецизност и проценка се клучни: деликатни површини, зони со висока чувствителност, детална хигиена и супервизија. На овој начин, технологијата создава подобра организација, поконтролирани процеси и повисоко ниво на квалитет.
Денар: Кои индустрии најбрзо добиваат бенефити од оваа автоматизација?
Најмногу –трговски центри, производствени хали, подземни гаражи и големи канцелариски објекти. Секој објект над 5.000 квадратни метри има економска логика за роботски систем. Веќе ги демонстрираме решенијата на фабрики и логистички оператори во регионот, и интересот е огромен бидејќи ефикасноста е директно мерлива.

Денар: Каков е Вашиот план за следната година кога станува збор за автоматизација о модернизација?
Во Македонија ја поставивме основата — и тоа многу успешно. Следниот чекор е регионално проширување. Во наредните 12 месеци очекуваме да имплементираме роботи во најмалку неколку нови објекти во различни држави каде што работи Asura Group. Иднината на оваа индустрија е технолошка, и ние сакаме да бидеме компанијата што ја движи таа промена, а не само да ја следи.



