Сопственикот на платформата „X“ (порано „Twitter“), Илон Маск, повторно ја разбранува јавноста со своите изјави за приватноста на интернет.
Тој им порача на корисниците да се префрлат на „X Chat“, тврдејќи дека сегашните лидери на пазарот на комуникациски апликации не се безбедни.
„’WhatsApp’ не е безбеден. Дури и ‘Signal’ е под знак прашалник. Користете ‘X Chat’“, објави Маск на својата социјална мрежа.
Во врска со овие тврдења, Маск сподели и извештај на „Bloomberg“ за тужба поднесена против „Meta“ (сопственикот на „WhatsApp“). Во тужбата се наведува дека „Meta“ може да пристапи до приватните разговори на корисниците, што директно ја нарушува нивната приватност. Група тужители во федерален суд во Сан Франциско ја обвинија компанијата дека измамила милијарди корисници ширум светот, тврдејќи дека „Meta“ всушност „складира, анализира и има пристап“ до речиси сите комуникации што се рекламираат како приватни.
Портпаролот на „Meta“, Енди Стоун, остро ги отфрли овие обвинувања, нарекувајќи ги „категорично лажни и апсурдни“. Тој истакна дека „WhatsApp“ го користи протоколот „Signal“ за енкрипција од крај до крај веќе една деценија и ја отфрли тужбата како лекомислена измислица.
Иако тужбата цитира информации од анонимни дојавувачи, специфичните детали за нивниот идентитет или докази сè уште не се јавно достапни. Маск, од друга страна, ја користи ситуацијата за да ги промовира своите комуникациски решенија во рамките на екосистемот „X“, продолжувајќи го своето долгогодишно соперништво со Марк Цукерберг и други технолошки гиганти.



