Од Асоцијацијата за е-трговија спроведоа истражување за онлајн купувањето во земјите од Западен Балкан. Главните наоди покажуваат дека над 63 отсто од Македонците купуваат онлајн, но тука се отвори и прашањето а тоа е – дали купувачите од земјава се подготвени за е трговија со вештачка интелигенција? Податоците велат дека на ова поле и не сме баш добри. А причина за тоа се неколку работи, а како најбитна е дигиталната инфратруктура.
Податоците кои ги добиле од Асоцијацијата за е-трговија покажуваат дека Македонија значително заостанува не само зад просекот на ЕУ, но и зад балканските пазари, односно подобар AIPI има само од Босна и Херцеговина. Европските лидери како Данска, Холандија и Естонија покажуваат подготвеност со индекс над 0.76. Ова укажува дека бизнис-екосистемот сè уште нема доволно капацитет целосно да ја искористи вештачката интелигенција во е-трговијата за персонализација, автоматизација, анализа на податоци, логистика и управување со ризици.
Македонскиот резултат е на ниво од 0,48. Главните ограничувања се поврзани со дигиталната инфраструктура, иновативниот капацитет и интеграцијата во глобалната дигитална економија, иако постојат позитивни сигнали во делот на човечкиот капитал и адаптацијата на пазарот на труд.
„Е-трговијата во Северна Македонија бележи силен раст, но следната фаза мора да биде фокусирана на квалитет, доверба и одржлив развој, не само на квантитет. Вештачката интелигенција не е технологија на иднината, таа е реалност денес што го менува начинот на кој функционира дигиталната економија. Нашата задача е да им помогнеме на е- трговците, институциите и потрошувачите да бидат подготвени за оваа трансформација, преку приближување на клучните трендови и континуирана едукација, иницијативи и кампањи“, изјави претседателката на Асоцијацијата за е-трговија Нина Ангеловска Станков.
Според информациите за Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година јасно укажува дека идниот раст на е-трговијата во земјата зависи од подготвеноста на македонските е-трговци да ја искористат таа трансформација за одржлив раст, поголема конкурентност и подобра заштита на потрошувачите.
Податоците велат дека 63.2% од интернет корисниците во земјата купувале онлајн во 2024 година, што ја позиционира Македонија меѓу водечките пазари во регионот по учество на онлајн купувачи, но се уште е под европскиот просек. Ова според познавачите е силен сигнал за растечка побарувачката..
Сега, експертите од Асоцијацијата за е- трговија велат дека клучното прашање е дали економијата е подготвена за следната фаза, а тоа според нив е е-трговија поддржана од вештачката интелигенција.
И.П



