ПочетнаАВТОБИЗИ жените сакаат големи теренци, ова е нивниот избор!

И жените сакаат големи теренци, ова е нивниот избор!

Целосно електричниот „SUV Hyundai Ioniq 9“ ја освои титулата најдобар голем SUV на доделувањето на наградите „Женски автомобил на годината“ (WWCOTY) 2026-та.

Панел од 84 женски автомобилски новинарки од 54 земји од пет континенти спроведе детална евалуација на возилата во сите категории, земајќи ги предвид критериумите како што се безбедноста, квалитетот, дизајнот, перформансите, леснотијата на ракување, влијанието врз животната средина и вредноста за парите.

„Hyundai Ioniq 9“ се издвои од конкуренцијата на речиси 20 други модели, потврдувајќи го својот статус како извонреден претставник на својата класа.

„Моделот ’Hyundai IONIQ 9’ јасно покажува како напредната технологија и секојдневната употребливост можат совршено да функционираат заедно. Неговото брзо и ефикасно полнење, исклучително пространиот ентериер и високото ниво на целокупен квалитет поставуваат нов стандард во сегментот на големи електрични SUV возила. Оваа награда, исто така, ја потврдува доследната посветеност на ‘Hyundai’ кон иновациите и извонредноста, бидејќи ова не е прв пат нашето жири да го признае брендот“, рече Марта Гарсија, извршен претседател на „WWCOTY“.

Од „Hyundai“ вели дека моделот „комбинира аеродинамична софистицираност со футуристичка естетика“ и дека „внатрешноста со три реда седишта, достапна во конфигурации за шест или седум патници, нуди амбиент сличен на салон“. Изграден е на наградуваната платформа E-GMP на „Hyundai Motors“ и користи напредна 800V технологија, која овозможува ултра брзо полнење од 10 до 80 проценти од капацитетот на батеријата за 24 минути.

Наградите „WWCOTY“ собираат публика од 500 милиони луѓе ширум светот, а ова се победниците по категории за 2026-та година:

Компактен автомобил: „Nissan Leaf“,

Компактен SUV: „Škoda Elroq“,

Седан: „Mercedes-Benz CLA“,

Голем SUV: „Hyundai Ioniq 9“,

4×4: „Toyota 4Runner“,

Спортски автомобил: „Lamborghini Temerario“.

Заедно со уште пет победници во други категории, „Ioniq 9“ сега е во трка за престижната титула за целосен победник, а конечната одлука ќе биде објавена во март.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП