Поставеноста на монетарната политика на Народната банка има за цел да овозможи натамошно одржливо стабилизирање на инфлацијата и стабилни инфлациски очекувања. Во услови на присутна неизвесност, монетарната политика останува внимателна, а Народната банка е подготвена, доколку е потребно, да ги употреби сите расположливи инструменти за зачувување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност. Ова го истакна вицегувернерката Ана Митреска во рамките на панел-дискусија на Форумот на Централна и Источна Европа, во организација на „Фајненшал тајмс“.
„Инфлацијата забележа значително намалување и се сведе на едноцифрено ниво, како резултат на слабеењето на надворешните ценовни притисоци и спроведувањето на претпазлива монетарна политика, поддржана и со макропрудентните мерки. Сепак, инфлацијата и понатаму се движи околу 4%, што е над нејзиниот историски просек и над стапката на инфлација во еврозоната, но е споредлива со просечната инфлација во земјите од Централна и Источна Европа“, истакна вицегувернерката Митреска. Таа нагласи дека ваквите движења укажуваат на постоење заеднички регионални фактори што ја одредуваат инфлациската динамика, меѓу кои се растот на платите и кредитниот циклус, при што процесот на дезинфлација кај нас и во земјите од регионот е подолготраен во споредба со еврозоната.

