ПочетнаЕКОНОМИЈАЦГК: За новогодишно украсување општините потрошиле 785 илјади евра, 78 % од...

ЦГК: За новогодишно украсување општините потрошиле 785 илјади евра, 78 % од вредноста е концентрирана кај една фирма

Центарот за граѓански комуникации, денеска ги објави истражувањето и базата на отворени податоци за трошоците на општините за новогодишно украсување

Истражувањето покажува дека:

⦁ Тендери за новогодишно украсување имале 36 општини;
⦁ Најмногу пари потрошила Општина Штип, 81 илјада евра;
⦁ Градот Скопје и пет други скопски општини заедно потрошиле 185 илјади евра – сите со една иста фирма;
⦁ Штип потрошил за украсување 111 денари по жител, а Скопје 8 денари;
⦁ На 81 % од тендерите за украсување немало конкуренција, односно учествувала само по една фирма;
⦁ Една иста фирма, Линк Медиа Плус, добила 78 % од вредноста на сите тендери за украсување во земјава;
⦁ 94 % од договорите за јавна набавка за украсување се склучени во декември, на нецели две недели од новата година.

Тендерски постапки за украсување во пресрет на новата 2026 година спровеле 36 општини. Во најголем дел, тендерите за новогодишно украсување ги спровеле самите општини, а во помал дел, овие тендери ги спровело некое од нивните локални јавни претпријатија.

31 од овие 36 општини доставиле податоци за склучените договори за украсување до Електронскиот систем за јавни набавки, заклучно со 12 јануари 2026 година. Преостанатите 6 општини сè уште не доставиле известувања за склучените договори, иако законскиот рок е само 10 дена по склучување на договорите.

Вкупната вредност на веќе склучените и објавени договори за украсување изнесува 48.297.986 денари, односно 785.333 евра. Сепак, се очекува вредноста на трошоците за новогодишно украсување да расте со доставување на информациите од преостанатите општини (Гостивар, Струга, Пробиштип, Пехчево и Крива Паланка), како и Општина Новаци која има набавка на услугата за новогодишен огномет.

Анализата на вредностите на договорите покажува значителни разлики во трошоците за новогодишно украсување меѓу општините, без јасно образложение за обемот и содржината на услугите. Највисокиот договор достигнува над 80 илјади евра, додека други општини за истата намена издвоиле неколкукратно помали износи.

Штип води според потрошените пари за новогодишно украсување

Најмногу пари за новогодишно украсување потрошила Општина Штип склучувајќи договор со фирмата Линк Медиа Плус од Скопје во вредност од 4.998.480 денари, односно 81.276 евра.

Градот Скопје е на второ место со договор склучен со истата фирма во вредност од 4.271.600 денари, односно 69.457 евра.

Доколку кон трошоците за украсување на Градот Скопје се додадат и трошоците од другите скопски општини (Центар, Чаир, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и Карпош) произлегува дека во Скопје за украсувањето за дочек на новата година се потрошени 17.521.584 денари, односно 284.904 евра. Ова е повеќе од една третина од сите пари потрошени за украсување во земјата.

Покрај Град Скопје и сите други 6 општини од градот склучиле договор со фирмата Линк Медиа Плус од Скопје.

Гледано според бројот на жители произлегува дека Штип потрошил по 111 денари по жител за оваа намена, а Град Скопје 8 денари по жител.

На дното, со трошоци за украсување пониски од 10.000 евра се општините Неготино (9.590 евра), Куманово – ЈП Куманово Паркинг (9.402 евра), Ресен (9.210 евра), Дојран (8.927 евра), Свети Николе (6.407 евра), Градско (5.756 евра), Демир Капија (5.756 евра), Богданци (4.855 евра), Сопиште (4.056 евра) и Новаци (2.878 евра).

Целосното истражување на Центарот за граѓански комуникации можете да го видите тука.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП