Опозицијата и власта повторно во судир. Овој пат темата е задолжувањата на државата. Од СДСМ жестоко реагираат за новиот заем од 20 милиони евра кои се планирани за изградна на спортски сали. Власта вели, се е според закон и според процедури кои се транспарентни и јавни, а изградбата на салите имаат за цел подобар квалитет на животот на граѓаните.
Опозицијата смета дека најголем проблем во овој случај е тоа што власта не ја открива каматата по која ќе се земаат најавените 20 милиони евра. Од СДСМ велат дека во државната каса нема пари, а задолжувањето оди во опасна насока. Според нив власта трупа нови долгови врз грбот на народот.
„Во Собранието Владата поднела Предлог Закон за ново задолжување од 20 милиони евра, за изградба на фискултурни сали ама без информација за износот на каматната стапка. Нема пари за плати, нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за нови мерки за поддршка на стандардот на граѓаните. Има само за криминални тендери кои вртат секој ден, и тоа со милонски суми за едни исти фирми блиски до власта. Недостасуваат 1 милијарди евра. Огромната дупка очигледно власта ќе ја поплнува со нови и нови долгови кои треба да ги плаќаат иднинте генерации“, велат од СДСМ.
Од Владата ги демантираат овие податоци, велат дека буџетските приходи и расходи се планираат, реализираат и се известуваат согласно Законот за буџет и другите фискални правила. Министерството објавува податоци за остварувањето на буџетот, јавниот долг и фискалната стабилност.
„ЦЕБ одобри 20 милиони евра и со дополнителното финансирање на проектот се предвидува изградба и надзор на 30 спортски сали во основни училишта како и рехабилитација на основни и средни училишта, односно обнова на училиштата и обнова на нивната енергеска ефикасност. Заемот ќе се повлекува во најмалку две транши. За секое повлекување на транша ЦЕБ ќе издаде известување за повлекување за кое ќе бидат утврдени конечните финансиски услови на траншата како каматната стапка, рокот на уплата износот на траншата датумот итн.“, велат од владата.
Опозиционерите се загрижени бидејќи велат дека Владата веќе се задолжи една милијарда од Унгарија, 660 милиони на домашниот пазар. Само во декември 2025 година владата со државни обврзници се задолжи за 100 милиони евра. Дополнително, се најавува и кредит од дури 6 милијарди евра.
Светската банка веќе проектира дека јавниот долг оваа година ќе достигне 62,9% од БДП – што не прави најзадолжена земја на Западен Балкан.
Од СДСМ велат дека оваа Влада ги турка граѓаните во должничко ропство. Ова мора да престане. Но власта не се согласува со ваквите констатации и вели дека најголем дел од заемите што ги прави се пари за раздолжување од заеми кои ги спровеле сегашните опозициски партии.
И.П



