Француската влада во понеделник соопшти дека ги заострува контролите за увоз на неколку прехранбени производи, во обид да ги ублажи загриженостите на земјоделците кои протестираат против она што го нарекуваат нелојална конкуренција од земји со поблаги регулативи.
Француските земјоделци протестираат против планираниот европски трговски договор со јужноамериканскиот блок Меркосур, како и против други прашања, вклучително и мерките за борба против болестите кај добитокот, објави „Reuters“.
Француската министерка за земјоделство, Ан Женавар, изјави дека построгите контроли ќе обезбедат храната што доаѓа однадвор од Европската Унија да не содржи супстанции забранети во храната произведена во рамките на блокот.
Таа додаде дека наскоро ќе биде издаден декрет со кој ќе се воведе прекин на увозот на одредени прехранбени производи за кои веќе е утврдено дека ги содржат тие супстанции.
„Увозот, без разлика од каде доаѓа во светот, мора да биде во согласност со нашите стандарди. Франција дава пример во Европа со усвојувањето на оваа регулатива, која се однесува на повеќе од 10 прехранбени производи“, напиша Женавар на платформата „X“.
Таа истакна дека дињите, јаболката, кајсиите, црешите, јагодите, грозјето и компирите ќе можат да се продаваат во Франција само доколку не покажуваат никакви остатоци од супстанции забранети во земјата.
„Други производи од Јужна Америка, како што се авокадо, манго, гуава или одредени агруми од други делови на светот, ќе можат да се увезуваат само ако ги исполнуваат нашите стандарди“, додаде Женавар.
Францускиот премиер Себастијан Ле Корнеј претходно изјави дека секој увезен производ што покажува траги од хербициди и фунгициди – конкретно манкозеб, глуфозинат, тиофанат-метил и карбендазим, кои се забранети во Европа – нема да биде дозволен на францускиот пазар.
Германија и Шпанија го поддржуваат договорот со Меркосур, но противниците во Франција тврдат дека ваквиот трговски договор би довел до евтин увоз на јужноамерикански производи, особено говедско месо, кое не ги исполнува стандардите на Европската Унија за заштита на животната средина и безбедност на храната.
„Заштитата на нашите земјоделци, гарантирањето на здравјето на француските граѓани и спротивставувањето на секој облик на нелојална конкуренција, а воедно и обезбедувањето почитување на нашите правила, не е прашање на преговори. Од Европската комисија зависи дали ова ќе се применува насекаде. Доколку е потребно, ќе го сториме тоа повторно“, додаде Женавар.



