Ноќната смена не завршува со исклучувањето на компјутерот или со соблекувањето на работната униформа. Таа продолжува и следниот ден, кога телото одамна е на црвено, а обврските не прашуваат дали сте спиеле. Напротив.
За многумина, утрото по непроспиена ноќ е потешко од самата работа. Главата е тешка, очите печат, концентрацијата доцни, а времето… како намерно да оди побавно.
„Најголемата грешка што ја прават луѓето по ноќна работа е што се обидуваат да функционираат како ништо да не се случило“, вели специјалист по медицина со кого разговаравме.
Според него, телото не може да се измами. Може само привремено да се турка, и тоа секогаш има цена.
Првото нешто што луѓето инстинктивно го прават е да посегнат по кафе. Или по две. Или по трето. Кофеинот помага, но само кратко.
„Ефектот трае еден до два часа, а потоа следи уште подлабок пад на енергијата“, предупредува нашиот соговорник.
Затоа, советот е кафето да се користи умерено и паметно, не како единствен спас. Малку, па пауза. Никако на празен стомак, и никако до доцна попладне, ако сакате вечерта барем малку да заспиете.
Она што ретко кој го прави, а е клучно, е краткиот сон. Не маратонско спиење до пладне, туку контролирана дремка од 20 до 30 минути.
„Тоа е доволно за мозокот да се ресетира, а недоволно да влезе во длабока фаза од која тешко се буди“, објаснува докторот.
Подолго спиење во текот на денот знае да направи хаос навечер, па следи уште една непроспиена ноќ. И така во круг…
Исхраната тој ден е посебна приказна. Мрсна храна, шеќери и тешки оброци само ја влошуваат состојбата. Телото веќе е уморно, нема капацитет да вари. Лесен појадок, нешто протеинско, малку овошје, многу вода. Звучи банално, ама функционира. Или барем не одмага.
„Дехидратацијата често се меша со замор“, вели соговорникот, додавајќи дека многу луѓе мислат дека се исцрпени, а всушност им фали вода.
Физичката активност е уште еден парадокс. Последното нешто што ви паѓа на памет по цела ноќ работа е движење. Но токму кратка прошетка, свеж воздух, малку сонце, ако го има, може да направи разлика. Не фитнес, не теретана, туку движење што ќе ја „разбуди“ циркулацијата. Петнаесет минути понекогаш вредат повеќе од уште едно кафе.
И, можеби најважното, прифатете дека тој ден нема да сте на 100 проценти.
„Луѓето се лутат на себе што не функционираат како обично, а тоа создава дополнителен стрес“, вели нашиот соговорник.
Ако можете, одложете ги тешките одлуки, комплексни задачи, расправии. Денот по непроспиена ноќ не е ден за докажување. Тој е ден за преживување. Тивко, пристојно, со што помалку штета.
Навечер, пак, не правете херојства. Легнете порано, без телефон, без екран, без „само уште едно видео“. Телото ќе ви биде благодарно. Можеби не веднаш. Но ќе дојде моментот кога ќе сфатите дека следниот ден не ве удрил воз. И ќе знаете зошто.
Ако ништо друго, барем ќе знаете дека не сте единствени. И дека заморот не е слабост, туку сигнал. Штета што толку често го игнорираме…
Б.З.М.



