Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, истакна дека во 2026 година се очекува забрзување на економскиот раст, во гостувањето на поткастот „Финсајт“ со Наташа Мерсовска на порталот „Банкарство.мк“. Според очекувањата, значителен поттик за економската активност ќе дадат зацртаните инвестиции во инфраструктурни проекти, додека дел од растот ќе дојде и од приватната потрошувачка. Во тој контекст, гувернерот нагласи дека Народната банка, во рамките на своите уставни и законски надлежности, и во иднина ќе се грижи за стабилноста на националната валута, за стабилноста на девизниот курс и за ценовната стабилност, односно за постигнување ниска и контролирана инфлација којашто нема да ја нарушува куповната моќ на граѓаните.
„Нашата цел е да обезбедиме макроекономска стабилност како основа за одржлив раст и верувам дека 2026 година ќе биде подобра во однос на претходните години“, истакна Славески.

