ПочетнаЕКОНОМИЈАУште два дена им останаа на газдите да пуштат К-15!

Уште два дена им останаа на газдите да пуштат К-15!

Исплатата на регресот за годишен одмор воспоставена со Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството е задолжителна за работниците и истата треба да се реализира до крајот на годината. Имено, Сојузот на синдикатите на Македонија заедно со Организацијата на работодавачите, со потпишување на Спогодбата за измени и дополнување на ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството во 2013 година го уредија правото на регрес за годишен одмор за вработените во приватниот сектор.

Регресот за годишен одмор е право воспоставено по пат на дијалог помеѓу претставниците на работниците во конкретниот случај Сојузот на синдикатите на Македонија и од претставниците на работодавачите, односно Организацијата на работодавачи на Македонија и со оглед на тоа што се работи за право уредено спогодбено со потпишување на колективен договор, очекувано е работодавачите целосно да ја исполнат обврската која доброволно ја презеле.

„Согласно член 35 од ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството, регресот за годишен одмор се исплатува во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Основицата за пресметување на надоместоците на работниците преставува просечната месечна нето плата по работник во Република Македонија исплатена во последните три месеци“, велат од ССМ.

Синдикалците додаваат дека со колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавачот може да утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со овој колективен договор. Инаку, регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината. Износот се утврдува според основицата која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата. Сознанијата говорат дека ова право од кое зависи здравјето и продуктивноста на работниците во работниот процес минатата година го оствариле најголем дел од работниците, очекуваме така да биде и оваа година.

„На работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор им укажуваме дека можат да побараат интервенција од Државниот инспекторат за труд, или пак да покренат судска постапка за заштита на своите права. Службите за бесплатна правна помош на ССМ во Скопје и во регионалните синдикални претставништва низ Републиката за своето членство обезбедуваат правна помош и заштита и за ова право од работен однос.“

Синдикалците се децидни дека за неодговорните работодавачи кои не исплаќаат регрес за годишен одмор или бараат од работниците да ги вратат исплатените средства по овој основ, Кривичниот закон предвидува затворската казна до 1 година. Оваа законска обврска дополнително ќе придонесе за заштита и остварување на ова уставно и законско право на работниците.

Очекувањата на синдикалците се оваа зајакната санкциона политика и измените на Кривичниот закон да ги елиминираат и оние појави каде што имаше практика исплатата да се изврши формално, а потоа да се враќаат средствата бидејќи и ова е предвидено во Кривичниот закон за што следува казна. Тој што ќе побара од работник да му врати или ќе прими одреден износ од плата или други надоместоци исплатени од работодавачот, ќе се казни со затвор од три месеци до една година.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП