Одделот за класични возила на „Land Rover Classic“ сè посигурно го гради своето место на ексклузивниот пазар и периодично го привлекува вниманието со понуди наменети за љубителите на „SUV“ возила, а особено за култниот „Defender“.
Експертите на брендот сега го пренесуваат духот на новиот „Defender OCTA“ во класично теренско возило создадено да се справи со најекстремните терени во светот, без притоа да се откаже од дизајнот и луксузот. Овој чекор доаѓа како логична последица на зголемениот интерес за „Defender V8 Classic“ – еден од најпосакуваните модели во каталогот на марката, чија побарувачка значително порасна од 2024 година наваму.
„Defender V8 Classic“ ги презема боите на „OCTA“

Не е неопходно во гаражата да го имате новиот „Defender OCTA“ за да добиете слично искуство. Компанијата нуди целосно реставрирани примероци произведени меѓу 2012-та и 2016-та година, кои не само што се обновени, туку и надградени со поексклузивен и елегантен пристап. За разлика од модерниот „OCTA“, кај класичниот модел изостануваат агресивните надворешни додатоци, но тоа се компензира со префинета изработка и внимание на деталите.
Купувачите можат да избираат од ексклузивна палета на бои како „Petra Copper“, „Faroe Green“ и „Sargasso Blue“, карактеристични за „OCTA“, но и од софистицираните „Narvik Black“, „Octa Black“ и „Patagonia White“. Доколку ниту една од нив не одговара, на располагање се и класичните нијанси за „Defender V8 Classic“ – „Sboroz Grey“, „Carpatian Grey“ и „Charente Grey“. Алуминиумските тркала се нудат во 16 и 18 инчи, со дури 11 различни завршни обработки.
Во „Land Rover Classic“ поминуваат околу 300 часа во работилница за совршено усогласување на бојата на секој дел од каросеријата, постигнувајќи беспрекорна завршница – сјајна или сатенска. Сјајната црна предна решетка и карбонските букви на хаубата се меѓу највпечатливите ексклузивни детали.

Ентериерот нуди три комбинации на бои – „Khaki Green“, „Light Cloud“ и „Lunar“, со полуанилинска кожа во „Siena Toasted“ или „Ebony“. Внатрешноста е збогатена со греени спортски седишта „Recaro“, кожен волан, рачка на менувачот, тапацир и влошки на вратите.
Реставрацијата вклучува и целосно нова суспензија со амортизери и стабилизатори, прецизно управување и значително помоќен систем за сопирање со четириклипни шепи и дискови со дијаметар од 335 mm напред и 300 mm назад.
Под хаубата се наоѓа целосно нов 5,0-литарски „V8“ мотор со максимална моќност од 405 коњски сили. Автоматскиот менувач е исто така нов – осумстепен, испорачан од „ZF“.
Сето ова го прави „Defender V8 Classic“ вистински сон за колекционерите, но и автомобил со астрономска цена – најмалку 350.000 евра. Со тоа, овој модел официјално станува најскапиот „Land Rover“ во историјата, иако гаранцијата изнесува само една година, без ограничување на километражата.



