„Ford Escape“ официјално е повлечен од американскиот пазар. Последниот примерок од компактниот теренец, кој во Европа се продава под името „Kuga“, излезе од производствената линија во фабриката во САД на 17-ти декември, со што заврши производството на модел што опстојуваше цели 25 години, од 2000-та година па наваму.
Додека „Ford“ сега го пренасочува фокусот кон моделите „Bronco Sport“ и „Maverick“, голем дел од дилерите не се задоволни од оваа одлука.
Според нов извештај, дилерската мрежа стравува дека прекинувањето на „Escape“ ќе ги насочи купувачите директно кон конкуренцијата.
Причината е едноставна – „Escape“ со години беше еден од клучните модели на брендот на американскиот пазар. На својот врв во 2017-та година беа продадени повеќе од 308.000 возила, додека во 2023-та година продажбата падна на околу 141.000 примерок.
Во 2024-та година бројките бележеа благо закрепнување, а во првите 11 месеци од 2025-та година беа продадени 132.471 возило, што е речиси идентично со резултатот на моделот „Bronco Sport“ во истиот период.
Сепак, дилерите предупредуваат дека „Bronco Sport“ често има повисока цена и нуди помалку попусти, што го прави посложена замена за „Escape“.
Затворањето на производството во Кентаки е дел од поширока стратегија, фабриката се реорганизира за производство на нов електричен пикап со средна големина, чиј почеток е планиран за 2027-ма година.
„‘Escape‘ беше нашиот леб и путер“, порачуваат дилерите на брендот.
Како достапен теренец, моделот носеше нови клиенти во салоните и овозможуваше тие подоцна да останат лојални на брендот, преминувајќи на поголеми и поскапи модели.
Без ваков автомобил, предупредуваат тие, „Ford“ ризикува да изгуби цела генерација купувачи кои ќе се врзат за други брендови.
Сепак, од компанијата сметаат дека стратегијата е исправна. „Ford“ верува во потенцијалот на „Bronco Sport“ и „Maverick“ и најавува дека до 2030-та година ќе понуди пет нови „пристапни“ модели.
Дотогаш, дилерите ќе мора да се потпрат на постојната понуда, со надеж дека празнината што ја остави „Escape“ нема да биде преголема.



