ПочетнаЕКОНОМИЈАВозачи на ЈСП бесни на „Безбеден град“: Ако нè казнуваат, ќе возиме...

Возачи на ЈСП бесни на „Безбеден град“: Ако нè казнуваат, ќе возиме како полжави!

Возач на ЈСП, кој побара да остане анонимен за да избегне „проблеми на работа“, раскажува тивко и со видно нервозен тон дека секој ден во Скопје се чувствува како да вози низ миниско поле од правила, камери и неизбежни грешки.

„Јас сум возач на автобус на ЈСП. Дневно поминувам неколку тури, зависи на која линија сум задолжен. Ако ја земеме линијата број 2, од Автокоманда до Ѓорче Петров, на пример, има околу 30 семафори во еден правец. Тоа значи дека во еден обичен ден јас поминувам повеќе од 300 семафори. Ајде нека ми каже некој… кој е тој професионален возач на светот што нема барем еднаш да помине на жолто? Или да не процени добро пешак на пешачки премин? Или да не ја погоди брзината на цел град што дише во хаос?“, вели тој.

Новите камери од проектот „Безбеден град“, кои од февруари треба да почнат да санкционираат со автоматско казнување, кај него и кај дел од колегите предизвикуваат страв, кој се меша со гнев.

„Ајде денеска ќе успеам да не направам ниедна грешка. А што правиме утре? А задутре? Доволно е една казна неделно да ми стигнува и да треба да ја плаќам. Ќе ми запираат од плата? Ќе ме тераат да се правдам? А јас возам луѓе, не трактор по нива. И не можам да бидам робот“, објаснува нашиот соговорник.

Скопје, вели, не нуди услови да бидеш стерилно точен. Ниту близу. Сообраќајни гужви, пешаци кои трчаат дијагонално, автомобили што „гасат“ цела лента за да паркираат пред пекара… Секоја секунда е ризик.

„Свесен сум дека сме професионалци. Нè плаќаат за тоа. Ама има моменти кога градов ми изгледа како да ми поставува замка. Однапред. Намерно“, порачува возачот.

Тој тврди дека веќе се водат разговори помеѓу возачите за неофицијален бојкот на работата кога ќе почнат да пристигнуваат првите казни.

„Со неколку колеги седевме на пауза, кафе на брзина и сите исто велат. Ако од февруари почнат да ни стигнуваат казни секоја недела… готово. Нема да возиме. Или ќе возиме бавно како полжави, па нека види градот како ќе му биде. Не сме ние криви што инфраструктурата е катастрофална“, појаснува нашиот соговорник.

Тој додава:

„Не бараме никаква привилегија. Само разум. Ако сакаме безбеден град, прво мора да биде град, па после безбеден. Ние треба да бидеме партнери, а не непријатели на системот. И да, ќе се трудам. И денеска, и утре. Ама ако не ми тргне… ако ми светне жолто во погрешен момент… што тогаш? Само толку прашувам.“

Неговиот збор завршува како одврзано јаже: „Ќе се обидам. Ама дали некој се обидува за нас?“

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП