Темното чоколадо може да игра важна улога во зачувувањето на клетките, органите и забавувањето на процесот на стареење.
Студија објавена во научното списание Aging покажа дека исхраната богата со теобромин може да биде поврзана со пониска биолошка возраст. Ова значи дека клетките и органите можат да функционираат „помлади“ отколку што покажува бројот на години.
За разлика од хронолошката возраст, која се мери во години, биолошката возраст ја одразува вистинската состојба на организмот. Таа е под влијание на генетиката, начинот на живот, животната средина и исхраната.
Теобромин – помоќен антиоксиданс од какаото
Теоброминот е растителен алкалоид богат со антиоксидантни и антиинфламаторни својства. Научниците веруваат дека влијае на регулацијата на гените, а анализите покажаа јасна врска помеѓу нивото на теобромин во крвта и биолошката возраст.
Поранешните истражувања сугерираат дека теоброминот може:
-да го заштити мозокот од Алцхајмерова болест,
-да ја ублажи штетата предизвикана од висок холестерол,
-да помогне во зачувувањето на меморијата и когнитивните функции.
Најважната состојка во темното чоколадо
Иако беа анализирани и други соединенија на какаото, се покажа дека теоброминот е најсилно поврзан со процесите на стареење. Експертите сè уште ја испитуваат неговата интеракција со полифенолите – моќни антиоксиданси кои го намалуваат воспалението и ги штитат клетките.
„Ова е исклучително возбудливо откритие. Следното прашање е што точно стои зад оваа врска и како метаболитите од храната влијаат на нашиот епигеном“, рече д-р Рами Саад, водечки истражувач на студијата.
Умереноста е клучот
Иако резултатите изгледаат ветувачки, експертите предупредуваат дека не треба да се претерува со консумирањето темно чоколадо. Покрај корисните состојки, тоа содржи и шеќер, масти и многу калории.
Потребни се повеќе истражувања пред да се дадат прецизни препораки за количината и фреквенцијата на консумирање.



