Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во октомври 2025 година, изнесува 45 943 денари.
Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Дејности на здравствена и социјална заштита за 13.3 %, Административни и помошни услужни дејности за 13.2 % и Дејности во врска со недвижен имот за 10.9 %.
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Дејности во врска со недвижен имот за 9.5 %, Информации и комуникации за 4.2 % и Административни и помошни услужни дејности за 3.6 %.
Сепак, и покрај континуираниот раст на просечната плата, Македонија е закотвена на дното во Европа и регионот.
Во последните неколку години платите за прв пат имаа посериозна тенденција на раст, но тоа е резултат пред се на административни мерки – зголемениот минималец и покачувањата во јавниот сектор, како и одливот на работна сила во странство.
За реално да пораснат платите мора да порасне економијата. И тоа да расте, како што велат експертите, над 5% годишно.
Подобро од нас заработуваат работниците во Србија, во просек 930 евра месечно, во Босна и Херцеговина земаат 820 евра, во Црна Гора 1.016, во Хрватска 1.470 и во Словенија 1.610 евра месечно.



